Пандев: Живеам за утрешниот натпревар

Силни напори беа вложени Пандев да се „извлече“ од карантинот на Џенова и да допатува во Македонија за утрешниот натпревар против репрезентацијата на Косово.

„Сакам најпрво да им се заблагодарам на сите кои помогнаа за моето доаѓање во Скопје. Најзаслужни се селекторот, генералниот секретар на ФФМ, па и директорот во Џенова. Знаеме колку беше тешко. Желбата на сите во репрезентацијата и македонската амбасада во Италија на крајот исто така пресуди и нивната борба да дојдам да играм. Има и луѓе кои воопшто не ни прашаа каква е ситуацијата. Како е Горан? Дали има потреба да се помогне, да пуштеа барем една порака. Но добро, зафатени се со градење терени, па го оставаме сега тоа“, истакна Горан Пандев на денешната прес-конференција, пренесува порталот „Екипа“.

„Знаеме што носи овој натпревар. Искусни сме и подготвени сме за тоа што не чека. Клупските и репрезентативните натпревари се сосема различни. Сите знаеме што значи да се носи репрезентативниот дрес.

За мене ова е последна шанса да играм на големо натпреварување. Огромна е желбата да победиме и да подариме радост на нашиот народ, посебно низ овој лош период во светот. Јас, едноставно живеам за овој натпревар. Знам дека сите ние ќе го оставиме срцето на терен, па нека победи подобриот“, вели Пандев