Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев, жали за поразот од Австрија во дебито на Европското првенство пред сè поради неколкуте илјади македонски навивачи на трибините на Националната арена во Букурешт.
„Многу ми е жал за луѓето кои дојдоа тука и за онаа прекрасна поддршка од трибините, за која им благодарам од срце. Ние го дадовме максимумот, се надевам дека на следните натпревари ќе бидеме подобри“, изјави стрелецот на првиот гол на Македонија на еврошампионатите.
„Имавме можност за позитивен резултат, но не издржавме во последните десетина минути. Како за прв натпревар на ЕП, ова е големо искуство за нас. Одигравме одлични 70 минути. Австрија физички е многу посилна од нас, но одлично се државме до оној несреќен втор гол, со кој натпреварот беше решен“, додаде најдобриот македонски фудбалер.
„Не смее да има разочарување. Шансите не се загубени. Треба добро да се одмориме, бидејќи нè чека уште еден тежок натпревар против Украина, на кој мора да играме отворено и да одиме на победа, затоа што нема што да загубиме“, заклучи Пандев по поразот од 3:1 против Австрија, за која ова е првата победа на европските првенства.