Најуспешниот македонски фудбалер во историјата Горан Пандев јасно стави на знаење дека нема намера да се врати во репрезентацијата за баражот со Италија за Светското првенство во Катар, закажан за 24 март во Палермо.
„Згрешив кога продолжив да играм по Европското првенство, но сакав да се збогувам пред навивачите на Џенова. Не се враќам во репрезентацијата за баражот со Италија“, изјави тој за дневниот лист „Ил секоло 19“ од Џенова.
Кога Македонија ја доби Италија за ривал во баражот за СП, а поради отуството на Елиф Елмас поради два жолти картона, навивачите на „црвено-жолтите“ се понадеваа дека поранешниот капитен на националниот тим ќе се реактивира за да помогне, но тоа нема да се случи.
Пандев е најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација со 38 гола на 122 одиграни натпревари.