Покрај фудбалското знаење на теренот, Горан Пандев ја покажа и својата човечка големина по враќањето во Италија.

„Јас национален херој? Не сум единствениот херој, сите ние сме херои на репрезентацијата, тоа е заслуга буквално на сите нас. Ова чувство е нешто прекрасно, ми се оствари сонот по 20 години во репрезентацијата. Конечно постигнавме нешто за што цела Македонија сонуваше три децении. Успеав да се соочам со тоа на крајот од кариерата. Сè уште не можеме да веруваме што направивме“, изјави стрелецот на голот против Грузија што ѝ донесе на Македонија прв пласман на европските првенства.

Големиот успех на македонскиот капитен му го честитаа и навивачите на Џенова, жалејќи што не можат да му приредат овации поради пандемијата од коронавирус и заклучените стадиони.

„Примив илјадници пораки и им се заблагодарувам на сите, иако не успеав да им одговорам на сите. Имаше и многу навивачи на Џенова. Им се заблагодарувам и ним, ми влегоа во срцето и се надевам дека наскоро ќе се вратат на стадион за да ги поздравам и да им се заблагодарам“, рече Пандев.