Под овој наслов БГНЕС пренесува делови од интервјуто на македонскиот претседател Стево Пендаровски за „Трилинг“ на ТВ 24.
„Од бугаризација се плашат само оние Македонци кои имаат слаба национална самодоверба. Целосно е навредливо за македонската нација да тврдиш дека со протокол, договор или механизми за европска интеграција, дека јас и ти (новинарот) можеме да станеме Бугари.
Оваа изјава за некаква закана за бугаризација е целосна измислица од опозицијата со цел да се влее страв кај македонскиот народ кој има длабоки корени и силно национално чувство.
Нема потреба да се всадува страв од бугаризација. Станува збор за ќор-фишеци, бидејќи за нас нема опасност – на крајот од европските процеси да станеме Бугари“, изјави Пендаровски.
Според него, нема потреба од одржување референдум во земјава а со внесувањето на Бугарите во Уставот, бугарската страна директно ќе потврди дека Македонците и Бугарите се нешто различно.
„И на таков начин ќе се отфрли тезата дека ова е еден народ поделен на две држави“, нагласи Пендаровски.
Македонскиот претседател најави дека на 1 октомври ќе ја посети Софија.
„Во Софија одам на покана на претседателот Румен Радев, со него имав 4 телефонски разговори на тема увоз на струја“, изјави Пендаровски за „Трилинг“.
Тој најави дека за време на посетата ќе биде отворен интерконекторот меѓу Бугарија и Грција и на овој настан ќе присуствуваат повеќе претседатели и премиери од регионот. Според него, ова ќе биде повод да се покаже дека во иднина не треба да се однесуваат како непријатели, туку напротив како добри соседи кои меѓусебно си помагаат во тешкотиите“.
