Македонските фудбалски ексрепрезентативци, легенди на Вардар и европски шампиони со Црвена звезда, Дарко Панчев и Илија Најдоски, веруваат дека и Србија, и Македонија можат да се пласираат на Светското првенство што ќе се одржи идната година во Катар.

„Зошто да не? Секако дека можат заедно во Катар. Србија има малку поголеми шанси поради играчите што играат важна улога во големи клубови. Ние Македонците имаме шанса бидејќи Романија и Исланд не се силни како порано, но Ерменија е незгодна екипа, од која оваа генерација изгуби и со 4:0. Ќе решаваат нијанси и мислам дека победата против Германија е добар патоказ дека можеме да размислуваме барем за тоа второ место и пласман во баражот“, изјави Панчев.

„Пристапот на Мрме (Игор Ангеловски – н.з.) и на Пикси (драган Стојковиќ) кон натпреварите донесува добри резултати и, како награда, може да дојде пласман на двете селекции на Светско првенство. Нема повеќе приказни за фаворити, квалитетот сега се докажува на теренот, а не на хартија. Игрите на Србија и на Македонија повеќе не се изнанедување“, додаде Најдоски.

По три одиграни кола во квалификациите, Србија има 7 бода и го дели првото место со Португалија во групата А, а Македонија со 6 бода го дели второто место со Германија во групата Ј.