Благодарејќи на Македонката Катерина Трајкова, која со македонска носија беше дел од играорките што го одиграа Пајдушко оро, гледачите на кошаркарскиот натпревар од НБА-лигата во средата во Вашингтон имаа можност да се запознаат со македонската музичка традиција, а на крајот да го видат и македонското знаме во нејзините раце.

Кате настапи во носија од скопскиот регион заедно со турскиот танцувачки ансамбл „Карделен“ на полувреме од средбата меѓу Вашингтон визардс и Кливленд кавалирс во арената „Кепитал уан“.

Околу 150 луѓе дојдоа да ја поддржат заедничката турско-македонска вечер во чест на кошаркарот на Кливленд, Џеди Осман, роден пред 23 години во Охрид од татко Турчин и мајка Бошњачка, кој игра за репрезентацијата на Турција, а има македонско и турско државјанство.

Настапот заеднички го организираа Американско-турска асоцијација од Вашингтон и најголемата иселеничка организација на Македонци во светот, Обединета македонска дијаспора (ОМД), со седиште исто така во главниот град на САД.

https://www.facebook.com/UnitedMacedonianDiaspora/videos/2129002770682955/