„Вистина е дека Европската Унија доцни со процесот на своето проширување, но вистина е и тоа дека политиката во Македонија е потоната во криминал и корупција. Потоа премиерот вели дека Кина и Русија ќе имаат многу повеќе простор на Балканот, ако доцни ЕУ. Дава вакви изјави, а е свесен дека не ги извршил домашните задачи.“ – вели во својата колумна Мухамер Пајазити од Македонија, професор по евроинтеграции на ИСПЕ колеџот во Косово, која ја објавува информативната агенција ИНА.
Пајазити истакнува дека „Македонија е таков пример на држава каде што ‘големите риби’ наоѓаат форма и метод да избегаат од решетките на затворот“ и нагласува: „ Некои бегаат од земјата на спектакуларен начин како во западните вестерн – филмови. Некои даваат милиони што не се знае како ги заработиле, за да излезат на слобода и успеваат да се спасат. Од друга страна, има граѓани кои се осудени на затвор преку монтирани судски процеси, иако не направиле никакво кривично дело. Ова е реалноста во Македонија.“
Авторот на колумната смета дека „еден дел на граѓаните на Македонија имаат блискост и силни чувства кон Русија и Кина“, дополнувајќи: „Ова не се случува со етничките Албанци. Според некои истражувања, повеќе од 90 отсто од Албанците од Македонија се за интегрирање во ЕУ, додека бројот на македонските еврофили е помал. Додека Албанците мислат дека интегрирани во ЕУ ќе ги остварат своите права, Македоннците се плашат дека ќе ги загубат уставното име и апсолутното доминирање врз немакедонските заедници во оваа етноцентрична држава.
Албанските лидери спроведуваат политики прикажувајќи се се како проевропски, додека македонските лидери отворено изјавуваат дека идентитетот не го жртвуваат заради влез во ЕУ.“
„Соништата за европската реалност претставуваат дилема, која продолжува да ги држи во заложништво Балканците. Но, нерешителноста на Европската Унија во поглед на Западниот Балкан и дипломатските тактизирања претставуваат игра со висока цена, која Европската Унија секогаш ја губела, не покажувајќи се како сериозна организација.“ – сумира Мухамер Пајазити во својата колумна, која ја објавува ИНА.