Наместо најавуваното згоилемување, струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а се зголемува  во третиот и четвртиот блок. 

Намалување има и на цената за малите потрошувачи, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти.

Цената на струјата во третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.

Во новата цена на струјата од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.

Во пресрет на денешната одлука на РКЕ, МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто, „ЕВН електродистрибуција“ намалување на услугата за дистрибуција за 2,8 отсто, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум зголемување за пет отсто на цената за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата.

-За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, ги намаливме цените во првиот и вториот блок, рече Бислимовски, информирајќи дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании, како и дека има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката.

Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.