Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја доби акредитацијата на Joint Commission International, најпрестижната организација за акредитирање на здравствени установи според светски стандарди за квалитет и безбедност на пациентите. Ова е трета реакредитација по ред за болницата што е евидентен доказ за континуитетот во одржување на високите стандарди во грижата на пациентите. Ревизијата на болницата од страна на стручниот тим експерти од Joint Commission International се одвиваше во периодот од 6 до 10 февруари. Во петдневната контрола беа опфатени сите структури во болницата, сите услуги, како и процеси и процедури поврзани со грижа и нега на пациентите и тие беа оценети на највисоко ниво досега. Најуспешната реакредитација досега е само потврда дека целиот тим на болницата успешно ги одржува JCI-стандардите и континуирано се стреми кон унапредување на квалитетот и безбедноста на пациентите.
ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА JCI-СТАНДАРДИТЕ ГАРАНТИРА ВИСОКА БЕЗБЕДНОСТ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ
Сите процеси и процедури што се опфатени според JCI-протоколите гарантираат почит и исполнување на Интернационалните цели за безбедност на пациентите, кои се од исклучителна важност, а тоа се: правилна идентификација на пациентот, ефективна комуникација, подобрување на безбедноста на високоризични лекови, сигурна и безбедна операција, намалување на ризик од интрахоспитални инфекции, намалување на ризикот од повреда, како резултат на пад во болнички услови.
Клиничка болница „Аџибадем Систина“, како акредитирана болница, ги има имплементирано сите JCI-стандарди и нуди висок квалитет и безбедност на медицинска услуга во секој детаљ, од прием на пациентот сè до напуштање на болницата. За секоја процедура во болницата постојат точно утврдени упатства и правила. Согласно со стандардите, „Аџибадем Систина“ располага со над 3500 пишани процедури, формулари и упатства кои се достапни за сите вработени и кои секојдневно се почитуваат при работата со пациентите.
ПАЦИЕНТОТ ВО ФОКУСОТ НА ГРИЖАТА, ЗОШТО Е ВАЖНО ДА СЕ ПРИМЕНУВААТ СТАНДАРДИТЕ
Исполнувањето на стандардите има една основна цел, пациентот да биде ставен во фокусот на грижата, сè со цел да се избегне и најмала грешка при неговиот третман. Целокупниот персонал во „Аџибадем Систина“ следи точни упатства како да постапи во секој дел од работата со пациентот.
Точна идентификација на пациентот – пациентот за време на престојот во „Аџибадем Систина“ е соодветно идентификуван со идентификациски алки преку кои персоналот е запознаен со одредени состојби уште при самиот влез во болничката соба и презема соодветни акции. На информациските алки се назначени најважните информации – лични податоци, дали пациентот е алергичен на одредена храна и лекови, дали има одредено инфективно заболување, дали кај него постои ризик од пад, одредено ограничување. Доколку истовремено во болницата е присутен уште еден пациент со исто име и презиме, соодветно се означуваат за да не дојде до грешка при одредени медицински активности.
Ефективна комуникација – секој пациент во „Аџибадем Систина“ навремено е информиран за својата состојба и за интервенциите што треба да му бидат изведени. Преку специјални формулари се врши соодветна, брза и навремена комуникација помеѓу медицинските лица во болницата, со што се намалува можноста за пренос на грешна информација. Според JCI- стандардите, лекот што треба да се аплицира кај кој било пациент мора да има тројна контрола, првенствено од докторот што ја препишува, потоа контрола и потврда од секторот за фармација и на крај медицинската сестра пред да го аплицира. Во болницата се имплементирани електронски системи преку кои медицинските лица што се грижат за пациентот може да дојдат до потребната информација за третманот на пациентот.
Подобрување на безбедноста на високоризични лекови – Особено се посветува внимание на начинот на обележување, чување и апликација на високоризичните лекови. Согласно со стандардите, овие лекови се посебно обележани и имаат посебен начин на апликација, односно мора да бидат потврдени од две медицински лица пред да се аплицираат на пациентот. Во оваа група спаѓаат и лекови што звучат или изгледаат слично и тие исто така соодветно се обележуваат, со цел да се намали ризикот од грешка при нивна апликација.
Сигурна и безбедна операција – пред да се започне со операција и интервенција со анестезија во „Аџибадем Систина“, се прави дополнителна проверка на идентитетот на пациентот, видот на интервенција, проверка на тимот кој работи во сала и видот на анестезија за да се избегне каква било грешка која би ги загрозила здравјето и животот на пациентот. Пред секоја интервенција се врши целосна проверка на инструментите за стерилизација. При годинешната ревизија, контролорите дадоа позитивна забелешка за работата на Централна стерилизација во „Аџибадем Систина“ која работи според највисоки стандарди. Во овој дел се следат сите индикатори за потврда на стерилизација, а на секој апарат за стерилизација секојдневно се врши тест за биолошка контрола и исправност на апаратот. Пред стерилизација се прави инспекција на секој инструмент и се редат во сетови за стерилизација. Секој инструмент се запишува во формулар за контрола на сите фази на дезинфекција и стерилизација. Начинот на чување на инструментите се одвива во просторија каде што се контролираат температурата и влажноста на воздухот. На овој начин се запазени сите највисоки протоколи за стерилност и исправност на инструментите со кои се изведува хируршката интервенција.
Намалување на ризик од интрахоспитални инфекции – Согласно со JCI-стандардите, во болницата постои мултидисциплинарен тим кој се грижи за превенција и контрола на интрахоспиталните инфекции. Во болницата се користат најсовремени дезинфекциски средства за хигиена на раце и одржување на целокупната хигиена во болницата на највисоко ниво. Од особено значење е континуираната едукација на пациентите, персоналот и посетителите за важноста за одржување на дезинфекција и хигиена на раце.
ТРЕТАТА РЕАКРЕДИТАЦИЈА СО НАЈДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ДОСЕГА
Третата реакредитација на Клиничка болница „Аџибадем Систина“ ревизорите на Joint Commission International ја оценија како најуспешна досега, со минимален број забелешки. Позитивни критики беа упатени во однос на целокупната грижа за пациентите и начинот на кој се спроведуваат процедурите и протоколите за работа. Особено беа издвоени процесот на работа на единиците за интензивна нега и високите критериуми според кои се лекуваат критично болните пациенти. По спроведената контрола, ревизорите го издвоија и Одделот за кардиохирургија како врвен кардиохируршки центар и согласно со JCI-стандардите, овој оддел е на ниво на светските кардиохируршки центри.
Во имплементацијата и одржувањето на стандардите беа вклучени сите вработени во болницата, а со целокупниот процес раководеше Одделот за квалитет. Првата JCI-акредитација Клиничка болница „Аџибадем Систина“ ја доби во 2016 година и со тоа стана првата JCI- акредитирана болница во Македонија и во поширокиот регион.