Ова ќе биде најстуденото лето до крајот на нашите животи, предупреди научник на НАСА

Питер Калмус, климатски експерт на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), во врска со топлотниот бран што ги зафати Европа и САД оценува дека „ова ќе биде најстуденото лето до крајот на нашите животи“, но и оти планетата, сепак, може да се олади ако се направи нешто.

„Повеќето луѓе СÈ УШТЕ не знаат во каква опасност се наоѓаат. Ова ќе биде најстуденото лето до крајот на вашиот живот и тоа не треба да биде само меме – тоа всушност треба да биде застрашувачко. ЕДИНСТВЕНИОТ пат за излез од овој топлотен кошмар е да се стави крај на фосилните горива што побрзо“, објави тој на Твитер.

„Секогаш ќе има регионални и меѓугодишни варијации, но, во просечна смисла, топлотните трендови значат дека ова ќе биде најстуденото лето долго време. АКО општеството влезе во режим на климатска вонредна состојба, можно е планетата да почне да се лади до крајот на векот“, додаде научникот на НАСА.