Ова е земја на шампиони – Пишува Роберт Димитриевски

„Најголемата ноќ на Македонија уште од Александар Велики“.

Американски фудбалски форум од Сан Диего вака го опиша величествениот триумф од 2:1 на македонската репрезентација против Германија во Дуизбург во мундијалските квалификации.

Прво на што (ме) асоцира споменувањето на најголемиот војсководец во историјата е стихот во „Македонија навива за вас“, во кој Тоше Проески пее: „нека знае сега светот за нас Македонците, едно сонце на Александар нам ни свети в градите“.

И богами дозна светот за Македонците благодарејќи и на фудбалските воини во црвено-жолти дресови што го разоружаа четирикратниот светски шампион и трикратен европски првак, речиси два и пол милениума по воените подвизи на Александар Македонски. И тоа, нека прости германскиот народ за непријатната асоцијација, „вторпат ги тепаме Германците, првпат во 1945 година, а сега и на нивен терен“, како што духовито ќе забележи еден Македонец среде невидената спортска еуфорија во Македонија досега.

А Тоше, по кого ја преименуваа Националната арена во Скопје што го носеше името на таткото на Александар, Филип Втори, постхумно доби потврда уште на првиот стих од својата навивачка химна. „Ова е земја на шампиони“ веќе не се само празни зборови, силно посакувана желба или далечна перспектива, ами реалност. Фудбалските репрезентативци само продолжија таму каде што неодамна застанаа нивните колеги од ракометниот национален тим со убедливата победа над светскиот и олимписки шампион Данска. А двете европски титули на ракометарите на Вардар и едната на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров, покрај двете финалиња во Лигата на шампионките?

Во годината кога Македонија слави три децении независност спортистите покажаа дека не е сè во парите. Не е ни во објективните околности, како што е несразмерно помалата база за избор на играчи што ќе им се спротивстават на планетарните спортски велесили и со високо кренати раце ќе го напуштат местото на одмерувањето сили со нив. Не е ни во скромната спортска инфраструктура (стадиони, сали).

Има нешто што го надоместува материјалниот хендикеп. Македонскиот инает кога безмалку сите однапред ве отпишале, срцето јуначко и сплотеноста околу заедничката цел, без оглед на припадноста (етничка, верска, можеби политичка), прават чуда. Има ли поголем доказ за тоа од „македонското чудо“, како што го нарече ФИФА најспектакуларниот резултат во досегашниот тек од квалификациите за Светското фудбалско првенство 2022 во Катар?

Пандев, Елмас, Барди, Алиоски и соиграчите, предводени од Ангеловски, се најдобриот можен пример за следење и во другите сфери во Македонија. Пример дека со вистински пристап ништо не е невозможно и неостварливо. Посебно откога и на дело се потврди дека „ова е земја на шампиони“.