Отвори ли српската врска во АНБ војна меѓу Заев и тајната служба на Борисов – пишува Горан Момироски

Јавноста се уште нема точни информации за точната содржина на текстот во службената белешка или извештај на “слободна тема” што агент/и раководител/и на Агенцијата за Национална Безбедност (АНБ) го напишал/е како основа за приведување на бизнисменот Орце Камчев.

Што пишува во белешката што никој не ја демантира засега знаат само во АНБ, во обвинителството и речиси сигурно во Владата која го именува шефот на агенцијата Викторио Димовски инаку долгогодишен висок функционер на СДСМ и амбасадор во Белград.

За она што го одобрил Димовски кој е човекот за кого во тајните депеши што ги објави Викиликс американски амбасадор нотирал дека е “во џебот на Србија”, може да се суди само од медиумските информации.

Ако се анализира разговорот што утрово во студиото на “Утрински печат” на Слободен печат го водеа доајенот на македонското новинарство Александар Чомовски и одлично информираната колешка Гордана Дувњак, уредник на Фокус, може да се заклучи дека македонската тајна служба која ја води човек со “српски опашки” создала ситуација во која е неизбежна војна меѓу македснските и бугарските (или други) служби под контрола на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов (или негови колеги).

Дувњак во Утрински брифинг зборува за информациите во јавноста според кои белешката на АНБ се однесува на контакти меѓу Камчев и луѓе на странска тајна служба. За неа и за Чомовски во емисијата нема дилема дека белешката на АНБ се однесува на контакти меѓу Камчев и бугарски тајни агенти.

Во видеото делот со приведување на Камчев од емисијата на Чомовски со Дувњак почнува од 02.27.00 минута

https://www.facebook.com/slobodenpecat/videos/145356787384915/

Од разговорот меѓу двајцата искусни новинари може да се заклучи дека Макеодонија дефинитивно ја чека разузнавачка и нова политичка војна со Бугарија, дополнително влошување на односите со Софија и конечна блокада на Македонија на патот кон ЕУ.

Зошто?

Доколку кажаното од Чомовски и Дувњак кои важат за одлично информирани за информациите кои циркулираат во владините кругови, се точни, тогаш како што вели и домаќинот на емисијата АНБ ќе мора да го расчисти случајот до крај.

Тоа би значело дека АНБ ќе мора да спроведе соодветни процеси, да каже кои се агентите на тајната служба за која Чомовски и Дувњак наведуваат и да преземе соодветни активности против нив пред правосудните институции.

Доколку во службената белешка на АНБ се зборува за странски тајни агенти тие мораат да бидат повикани на информативен разговор и да се покрене истрага инаку паѓаат во вода наводите на агенцијата дека Камчев сакал да бега.

Тајните агнети за кои се зборува треба да се третираат како помагатели на Камчев и истите да се гонат за соодветното кривично дело помагање при бегство и по истиот принцип како што е притворен Камчев да се бара нивно обезбедување преку притвор или други мерки како странски граѓани.

Дури и агентите од службената белешка на АНБ да не се од бугарската тајна служба ДАНС која е под контрола на премиерот Борисов ништо не ги спасува инволвираните од скандал од досега невидени размери. Дали скандалот ќе биде меѓународен допрва ќе видиме.

Без разлика дали наводните агенти се од бугарска, српска, косовска, албанска или грчка тајна служба тие ќе мора да бидат гонети од страна на македонските власти и правосудство.

Во спротивно ќе стане јасно дека се работи за наменска службена белешка на АНБ нарачана од политички центар кој се уште на Камчев не може да му го прости што ја иницира и документира аферата “Рекет” која ја ничкоска владата на Заев.