Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле дејства на кривично дело грабнување.
На 3 март лицата на возраст од 25 и 30 години заедно учествувале во грабнување Самоил Костадиновски, кој е внук на поранешниот министер и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
„Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се обидат да ги скријат или уништат трагите на кривичното дело, ќе влијаат врз сведоците или ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје сега достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, стои во дописот од Скопското обвинителство.
Министерството за внатрешни работи (МВР) се уште трага по 26-годишниот Костадиновски за кој е пријавено дека е исчезнат во саботата наутро на 4-ти март.
Повеќе негови пријатели и познаници споделија дека Костадиновски за последен пат бил виден како влегува во возило во близина на Чешката амбасада во Скопје, по што телефонот му е исклучен и му се губи секаква трага.
