Забранет пестицид е откриен кај македонски пиперки кои биле увезени во Хрватска. Од Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврдија информацијата и оттаму велат дека ако Хрватска ни ги врати пиперките со токсични пестициди тогаш ние ќе ги уништиме.
Агенцијата, преку Системот за предупредување за небезбедна храна на ЕУ вчера добила известување за небезбедните свежи пиперки со потекло од земјава, кои биле наменети за хрватскиот пазар.
„При спроведената гранична контрола, земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето“, велат од АХВ.
Пестицидот форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.