Откриена група од 77 мигранти, предводена од криумчари Пакистанци

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, СВР Струмица и од НЕКМТСЛ, во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, лишиле од слобода седуммина мигранти од Пакистан, поради криумчарење на мигранти.

Околу 17 часот било пријавено дека јужно од Негорци, во близина на Серменинска Река, се наоѓа поголема група мигранти од Сирија. Групата била во движење, како што се додава во соопштението, предводена под присила од страна на неколку мигранти од Пакистан.

Акцијата се одвивала во периодот од 20 часот синоќа до 02.30 часот изутринава.

„Од страна на РЦ за ГР ЈУГ и СВР Струмица веднаш биле испратени полициски службеници на посочената локација, во содејство со припадници на Одделот за специјални полициски операции. По детално пребарување на теренот, откриени се вкупно 77 мигранти, пишува во соопштението“.

Од Сирија – 52, од Пакистан – 13, од Турција пет, од Ирак – пет и од Индија – две лица, а меѓу нив и седумте мигранти од Пакистан, кои биле посочени како водичи на групата.

За случајот бил известен јавен обвинител од ОЈОГОК – Скопје, а денеска против седумте мигранти од Пакистан е поднесена кривична пријава.