Отфрлен или одбил да дојде: Роденденот на СДСМ помина без Зоран Заев

Владеачката партија јавно не ги коментира информациите за сериозен судир во СДСМ кој кулминира со неприсуство на довчерашниот лидер Зоран Заев на партискиот 31 роденден.

Заев кој беше лидер и премиер до крајот на минатата година го нема на фотографиите од партиската прослава што ја отвара дилемата дали тој воопшто бил повикан или ја одбил поканата.

И двете сценарија се причина за поставување на прашањето дали новата екипа во СДСМ и луѓето на Заев кои се уште се во врвот на партијата водат тивка војна за долгорочна превласт во партиските тела.

Ако се анализираат профилите на социјалните мрежи на Заев тој деновиве не е во странство што фрла дополнителен сомнеж на причините за неговото отсуство.

Дилемите за судирот на Заев со новата екипа во владеачката партија се отворени особено откако пред десетина дена беше притворен неговиот кумашин и најблизок соработник Мухамед Зекири а дел од највисокото раководство на СДСМ најверојатно знаело за истрагата на Јавното обвинителство.