Остин: Украина може да ја добие војната ако има „соодветно оружје“

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека потребите на Украина се менуваат како што природата на борбата еволуира, делумно поради тоа што фокусот е префрлен на истокот на земјата.

„Значи, (Украинците) имаат потреба од оружје со долг дострел. Слушнавме дека тие изразиле потреба од тенкови. И ние правиме се што можеме за да ги поддржиме, артилерија и муниција што ќе бидат ефективни во оваа фаза од борбата“, изјави Остин на прес конференција одржана во близина на полско-украинската граница.

Остин рече дека гледа индиции дека „многу земји ќе излезат и ќе обезбедат дополнителна муниција и хаубици“.

Тој додаде дека Украина може да победи во оваа војна доколку има соодветното оружје.

САД нема да испраќаат војници во Украина, потврдија државниот секретар Блинкен и министерот за одбрана Остин за време на посетата на Киев.

Патувањето на Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин беше посета на највисоко ниво на Америка на главниот град на Украина откако Русија ја нападна кон крајот на февруари.