Џабе везете! Бадијала се пенавите за да прогласите успех, некаква си победа на правдата, функционирање на институциите. Колку повеќе се обидувате да ги замајувате граѓаните на жална Македонија, толку повеќе пропаѓате како во жив песок.

Појавувањето пред Јавното обвинителство на Сашо Мијалков сам, а не приведен со лисици на рацете и со кордон полиција околу него, е катастрофален пораз за македонската држава, за нејзиниот правен систем, за нејзините аспирации за членство во Европската унија! Вардар не ве пере за циркусот што цели два дена ја забавуваше јавноста, а во суштина им нанесе уште еден тежок удар на интегритетот и на кредибилитетот на Република Македонија. Поголем срам од овој беше само игнорирањето на јасно изразената волја на народот со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум за промена на името.

Најмалку што се очекува од власта е серија оставки за континуираното нефункционирање на институциите на системот, кои се „прославија“ при бегството и на експремиерот Никола Груевски во Унгарија, и на бившиот специјалец Игор Спасов во Бугарија, и сега на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање. Каква интергалактичка неспособност и неодговорност! Овца да им нацрташ и да им ја дадеш да ја чуваат – ќе им избега…

По три вакви флагрантни манифестации на немоќ на државните органи, во прв ред на Министерството за внатрешни работи, прв мора да одговара неговиот раководител, министерот Оливер Спасовски. Ништо помала не е одговорноста ни на неговиот шеф, премиерот Зоран Заев, како „тренер“ на тимот што трпи срамни порази во низа.

На толкави полициски, разузнавачки и не знам какви сили да не се знае цели два дена каде е еден од главните осомничени во високопрофилен судски случај е незамисливо ни за банана-држава, а камоли за членка на НАТО и кандидатка за влез во Европската унија. Вакво поигрување со интелигенцијата на граѓаните на Македонија би било лошо сценарио и за латиноамериканска сапуница со знакот на „Телевиса пресента“, а не за држава во Европа.

Оставка е најбенигната форма на понесување (политичка) одговорност за досега невидената бламажа на органите на прогонот и на правдата во државата што претендира да им се придружи на земјите со повеќевековно искуство од практикување на владеењето на правото. Но, за оставка како морален чин основен предуслов е да се има морал. Како што го имаше Игор Дурловски кога се повлече од пратеничката функција, индиректно објаснувајќи го тој свој потег со неможноста да им помогне на осудените за 27 април. Или како што четворицата советници на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани ја дадоа во знак на солидарност по притворот на нивниот сопартиец и сограѓанин Крсто Мукоски, а сите други на листата на партијата се откажаа од пополнување на нивните места во општинскиот Совет.

Сè додека во Македонија не профункционира одговорноста кон функцијата што се врши и институтот оставка како сопствено признание за пропустите и за неисполнувањето на законските обврски на институцијата што се раководи – нема да нè биде, колку и да убедува во спротивното Никола Димитров. „Блескаме“ само во искривоколченото перцепирање на стварноста од Заев, а во суштина оваа држава под негово водство незапирливо јури кон дното.

Хибридниот режим секој ден во секој поглед сè повеќе „напредува“. А јавачите на македонската апокалипса уште ја ситнат само првата година од својот нов мандат. Каков кошмар!