Kоментирајќи ја изјавата на неговиот бугарски колега Николај Милков дека во Македонија има црна традиција на палење, стрелање и насилство, министерот Бујар Османи вели дека од лични причини, нема да биде адвокат на комунистичкиот период,

„Ако очекувавте од мене дека јас ќе бидам адвокат на комунистичкиот период, тоа нема да го добиете од мене. Затоа што јас ниту ќе го пофалам тој период од мои причини, нема да го критикувам како министер за надворешни работи, бидејќи претставувам граѓани кои имаат поинакво мислење и таа тема ќе ја оставам на историчарите. Политичари и историја не“, вели Османи.

„Комунистички период јас нема да коментирам, ни овде, ни во Софија, никаде. Ако мислите дека Милков рекол сега се случува тоа, јас реагирав веднаш и фактот што јас бев таму е токму тоа. Во име на владата доаѓам тука, се грижам за секој наш државјанин каде и да е, од која било етничка припадност и дека нема државна политика на дискриминација, туку напротив, ние ќе создадеме атмосфера на нула толеранција на говор на омраза и насилство“, изјави денеска Османи.

Милков кој заедно со Османи го посети претепаниот Христијан Пендиков во болница во Софија изјави:

„Момчето настрада заради своите идеи… Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство.

Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа“, кажа тогаш Милков.

За ваквата изјава на Милков, претседателот Стево Пендаровски во понеделникот рече дека единствено може да биде точна ако бугарскиот министер мисли на периодот 1941-44 година.