Османи во собраниската Комисија: Нема ништо спектакуларно во пакетот 5+1

Не разговараме за идентитет туку единствено за пристапот кој јас го нарекувам право н самоопределување на секој во согласност со постоечките државни уредувања на земјите. За идентитетски прашања ниту сме преговарале, ниту имаме право да го правиме тоа ниту некој некогаш ќе преговара, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, во неговото реферирање пред собраниската Комисија за надворешни работи за преговорите со Бугарија.

„Кога сме кај најчувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам: никој не преговара за идентитетски прашања. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашања ниту сме преговарале ниту имаме право да го направиме тоа, ниту некој некогаш ќе преговара“, рече Османи во обраќањето.

Тој посочи дека поединци и политички групации во Бугарија се обидуваат да наметнат пристап во разговорите преку пласирање на тези за негирање на идентитет, за „еден народ-две држжави“, за обид за наметнување на еден единствен поглед на историската вистина, но кои, како што рече преку еден мудар, рационален и аргументиран пристап се прикажани како ретроградни појави кои не одговараат на совремните цивилизациски вредности.

Во врска со сетот политички прашања популарно наречен пакет 5+, Османи рече дека во него се наоѓаат прашања важни и за нас и за Бугарија.

„За нас најважното прашање во тој пакет е токму имплементацијата на одлуката на Европскиот совет од март 2020 преку одржување на првата меѓувладина конфереција и притоа нашата клучна државна позиција е дека во самата преговарачка рамка македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на ЕУ без никакви додатни квалификации и прашања поставени од Р Бугарија“, рече Османи.

Таму се прашањата за принципот на самоопределување согласно уставните уредувања на државите, прашањето на говорот на омраза и рехабилитација на жртвите од комунизмот, но како што рече нема нешто спектакуларно.

„Нема ништо повеќе ниту помалку во овој пакет на политички прашања, ниту пак нешто спектакуларно со кое треба да ги плашиме граѓаните. Соодветно во фазата во која се наоѓаме во разговорите, тоа е фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, ни сѐ уште не сме во можност да ги преставиме овде затоа што тоа не се договорени предлози. Не можете во сред разговори да ги преставувате нецелосните работни документи, затоа што со тоа ги нарушувате разговорите“, истакна Османи.

Тој најави дека во првиот момент кога ќе се дојде до ситуација тие работни верзии да станат прифатливи за двете страна, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до оваа Комисија и до пратениците.

„За жал сите овие разговори се случуваа во услови на службена влада во Бугарија и три изборни процеси и локални избори кај нас и избор на нова влада. Претставува навистина политичко олеснување што оваа година двете држави добивме легитимни политички влади и соодветно, се договоривме за еден нов пристап со кој преку динамизирање на комуникацијата ќе создадеме платформа за враќање на довербата, продлабочување на билатералната соработка но и надминување на политичките разлики. Си дадовме начелна согласност дека ќе се посветиме повеќе на иднината отколку на минатото, давајќи му со тоа шанса на процесот за градење доверба“, рече Османи.

Османи изрази очекување дека во следните шест месеци ќе испратиме нова слика за односот и соработката меѓу двете земји, што ќе биде препознаена најпрво кај граѓаните на двете држави, но и кај нашите меѓународни пријатели, кои очекуваат од нас храбри одлуки кои доликуваат на две зрели држави.

„Сметам дека добро правиме. Работиме внимателно, трпеливо, но притоа со силен интензитет, без да дозволиме дијалогот да биде ставен на страна а нашите недоразбирања да станат таканаречен замрзнат конфликт кој ќе трае со децении. Оттука и мојот апел до самиот почеток на ова обраќање. Немам дилема дека имаме разлики во начинот, или пристапот со кој се справуваме со овој предизвик, но во исто време, немам дилема дека имаме и заеднички позиции изградени токму во ова Собрание преку декларација која е усвоена со консензус“,истакна Османи во излагањето пред членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Тој на крајот апелираше ова да се искористи како наша придобивка и да не се дозволи оваа Комисија да стане платформа за дневнополитички натпревар.

Османи особено го истакна фактот што по позицијата во преговорите со Бугарија сите во земјава имале ист став, кој бил презентиран и дома и надвор, додавајќи дека имало обиди ова прашање да се претстави како етничко, а не државно.

„Имаше обиди за минирање на ова единство и парадоксално е што тие не потекнува од надвор, туку од дома“,рече Османи.
На крајот тој се осврна на, како што рече „хистеријата“ чија цел била да создаде немир кај граѓаните, дека за вакви прашања се можни ад хок решенија, односно дека некој преку ноќ може да донесе решение спротивно на државните интереси.

„Нашиот тим целосно се води од нашата државна позиција и секое прашање минува низ неколку филтри – експертите и дипломатите во МНР, кои се истите со кои работам јас, мојот претходник и Милошоски кога беше министер, потоа тука е Владата, потоа оваа Комисија и Собранието и на крај претседателот на државата и граѓаните“,рече Османи.