Министерот за надворешни работи Бујар Османи е ставен во незгодна политичка ситуација откако денеска шефот на собраниската комисија Антонио Милошоски објави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го кани Османи за одржување на седница на Комисијата за надворешна политика на тема законитост на процедурата за испраќање на македонски дипломати во странство.
,,Би сакал денес да Ве информирам за превземената иницијатива, а тоа е официјално барање до министерот за надворешни работи Османи, во најскоро можно време со рок до 2-ри март, да одржиме една посебна седница на Комисијата за надворешна политика поврзана со сите актуелни генерални конзули на Македонија во странство и процесот на нивно именување, нивните биографии и кој и дали ги исполнувале законските услови за да бидат именувани за генерални конзули”, денеска изјави за медиумитепратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
Доколку Османи одбие да дојде на комисијата ќе се зголемат сомнежите за незаконитости во овој ресор.
Доколку пак се појави ќе мора да се откријат сите неправилности кои веќе се индицираат со досега јавно објавените информации.
,,Оваа иницијатива ја поведуваме затоа што во јавноста инцидентно протекоа информации и се дозна дека најмалку две решенија за генерални конзули не се испратени и именувани од Владата согласно законските услови односно не биле ниту вработени во МНР со високо службено дипломатско звање, ниту пак биле надвор од редовите на МНР, а да се афирмирани личности во надворешната политика или меѓународните односи. Сметаме дека вакво деградирање на македонската дипломатија не и е потребно во овој момент и треба да се понесе одговорност. Дали министерот за надворешни работи знаел или му биле подметнати вакви решенија, тоа ќе може да го одговори на Комисијата за надворешна политика, а во име на транспарентноста на која што се повикува Владата, очекувам да ја прифати оваа покана и да расправаме за ваквите спорни решенија”, вели Милошоски.