Случувањата во последниве две-три недели се афтершокови по големиот земјотрес во односите меѓу Македонија и Бугарија во последниве две до три години, рече во интервју за бугарската телевизија „НОВА“ министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во интервјуто Османи беше прашан дали камењата и куршумите што завршија во бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид се против Бугарија.

„МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди настаните. Тоа се провокации. Се обидуваат да ги влошат односите, да има тензија меѓу двете страни. Очекувам МВР да ги идентификува сторителите. Имавме резерва за името што беше избрано за клубот. Сметаме дека тоа е провокација за нашите односи, провокација за јавноста. Никој во една земја не треба да биде предмет на напад, насилство. Имаме нулта толеранција за напади особено на помалите заедници“, рече Османи.

Османи нагласи дека би сакал да се сретне со основачите на овие клубови за да дознае кои се нивните мотиви. Рече дека сака да поразговара со бугарската заедница за да види која е целта.

„Ако навистина целта е бугарската заедница да има свои организации, клубови во кои ќе се организира и претставува, ако идејата е подобро да се етаблира бугарската заедница, еве ние работиме и на уставните измени со цел внесување на бугарската заедница во преамбулата, ако идејата е да се интегрира бугарската заедница во системот, да се спречат евентуални дискриминаторски политики кон бугарската заедница, ајде да видиме кои се најдобрите начини тоа да се направи. Не мислам дека преку разгневување на јавноста ќе се постигне тоа. Јас самиот сум од заедница која некогаш била во одредена потчинета состојба. Меѓутоа и од мое искуство можам да кажам дека начинот што е избран од тие луѓе, од бугарската заедница, е погрешен начин. Ова го кажувам со најдобра намера“, рече тој.

Османи вели дека е отворен за комуникација и за разговор бидејќи, како што рече, наш интерес е бугарската заедница да биде етаблирана, интегрирана и во одлични осноси со сите други заедници и народи во државата.

„Можеби постои поинаква перцепција за улогата на тие историски личности во Република Бугарија, меѓутоа тука (н.з. во С Македонија) има поинаква перцепција. Ние имаме процес на разгледување на различните интерпретации преку историската комисија. Затоа, мора да покажеме двете страни чувствителност кон сензитивностите што ги има едната или другата страна. Само така ќе дојдеме до точка кога овие прашања ќе бидат помалку важни“, рече Османи.

Османи потсети дека внесувањето на Бугарите во Уставот е една од обврските што земјава ги презела во процесот на зачленување во Европската Унија. „Тоа е и наше убедување. Најсилната страна на нашата држава е токму односот кон заедниците“, посочи тој.