Пишува: Свето Тоевски, самостоен истражувач и докторант по лингвистика

Со својата ништожна „Еднострана декларација за македонскиот јазик“ Бујар Османи се дрзна да удри во срцето на македонскиот народ, во темелот на неговото постоење – во македонскиот јазик. Директно му се обраќам на Бујар Османи: Кој ти дал право да праќаш во Брисел ваков безвреден и ненаучен антимакедонски дипломатски памфлет?! Кој те овластил да го расцепуваш системот на македонските дијалекти, да се откажуваш од македонските говори во Егејска Македонија, од домородните македонски малцинства во Пиринска и во Егејска Македонија?! Дали ти би смеел да пратиш во Брисел „Декларација“ дека албанскиот јазик нема свои дијалекти и надвор од Република Албанија?!

Бујар Османи, ти не си никаков министер за надворешни работи на Македонија, туку „трговец“ со македонскиот јазик, идентитет и историја, заедно со другите твои колеги „северни политичари“! Ти немаш никакво право на ваков начин да истапуваш во името на Македонија и на Македонците како народ! Со оглед на сите твои страотни газења врз идентитетот и јазикот мој и на мојот народ, а особено поради геноцидниот „Бугарски протокол“, те повикувам веднаш да поднесеш оставка на позицијата министер за надворешни работи и да ја повлечеш таа фалш-„Декларација“!

Бујар Османи, отсега натаму грижи се само за својот мајчин јазик, кого јас го почитувам, но барајќи и ти да го почитуваш и да не го гибаш јазикот на моите претци и на моите потомци! Ти си безначајно мал, за да можеш да решаваш за судбината на цел еден народ, македонскиот и за неговиот јазик!

Бугарскиот јазик произлегол од турско-алтајски и други зборовни слоеви, со дополнителни словенско-македонски белези, а современиот македонски јазик одржува живи врски со античкомакедонскиот јазик!

„Специјално место“ во бугарската „специјална операција за деидентификација“ на Македонија и Македонците има македонскиот јазик. Арно ама, најдоа токму Бугарите да го означуваат како „таканаречен“ јазикот денешен, што го говорат Македонците, кој има живи и директни триилјадигодишни врски со јазикот на античките Македонци! Како поткрепа на овој факт, кој не е никаков празен мит-илузија, туку „тврда реалност“, можам да претставам многу несоборливи научни податоци во вид на аргументи, кои се произлезени од моите повеќегодишни истражувања во областа на антрополошката лингвистика и научната литература. Но, ќе приложам само неколку.

Еве само дел од античко-македонските зборови, запишани во “Лексиконот“, односно, „Речникот на Хесихиј Александриски“ од 5 век и од „Суда” – византиската историска енциклопедија од 10 век, кои ги користи и денес македонскиот народ или незначително изменети, или пренесени во речиси ист облик и во денешниот современ македонски јазик: крават(ос) – постела на ногарки; далаган – далга, бран; веди – води; гаркан – гранка; гавалан – глава; готан – гуде; ескор – ексер, клинец; еркети – аргати; тшелнику – челник, водач на војската; дарвлос – дрво и други зборовни примери.

Сиве овие и многу други античко-македонски зборови, како и многу античко-македонски обичаи и традиции, меѓу кои се и обредното вртење и режење на славскиот леб-погача, се вткаени во зборовните и културните слоеви на македонскиот јазик. Тие се пренесувани низ илјадалетијата генерациски како содржина на македонската колективна и индивидуална лингвакултура (јазикот во културата – културата во јазикот). Сево ова е грамадно антрополошко-лингвистичко, културно-историско, духовно-цивилизациско наследство, што го носи во себе овој македонски јазик, кој Бугарите се дрзнале од своите „европски височини“ да го означуваат како „таканаречен“!

Нашле Бугарите да докажуваат дека македонскиот јазик е создаден во 1945 година, оти бил „дијалект на општобугарскиот јазик“! Бескрајно се дрски, смешни и бесмислени нивните негирања на македонскиот јазик – столбот на македонската цивилизација, етничка засебност, идентитет и култура. Но, кои се тие Бугари, што се обидуваат да ги помножат со „нула“ македонскиот идентитет и јазик, македонската историја? Научна вистина е дека Бугарите и нивната историја немаат заеднички точки со Македонците и македонската историја. Тие имале отсекогаш, главно, само меѓусебни борби. Бугарите и Македонците се два целосно различни народа. Бугарскиот и македонскиот се два јазика со големи меѓусебни разлики во лексиките, на граматичко и на други јазични рамништа.

„Комплексот на неосознаениот идентитет“ на „етнолингвистички мешаните луѓе“ наспрема милениумски развиваниот идентитет на македонскиот народ

„Така наречениот“ „бугарски јазик“ во себе содржи турско-алтајски, тракиски и ирански зборовни слоеви и граматички белези, на кои низ вековите им се придодале словенските и македонските јазични карактеристики! Тоа го потврдуваат највисоките претставници на бугарската наука, како и други историски, лингвистички и културолошки факти.

Веселин Бешевлиев, филолог-историчар и врвен научен авторитет-член на Бугарската академија на науки, како еден од најдобрите познавачи на историјата и културата на прабугарите, во својата широкоцитирана студија „Првобугарски натписи“ нагласува: „Турко-бугарското племе Оногундури дошло од Меотидското езеро (денес Азовско море) и реката Куфис (денес Кубан) во Балканскиот полуостров. Во 681 година ја основало својата нова држава во денешна Североисточна Бугарија и Добруџа. Оногундурите, кои за разлика од сегашните словенски Бугари, се означуваат како првобугари, прабугари, или Турко-бугари, имале раководна улога во државата до околу 11 век. Од сите нивни натписи и текстови, создавани меѓу 7 и 9 век, денес се зачувани само два натписа-текста на веќе исчезнатиот турко-бугарски јазик и еден на старобугарски словенски јазик.“

Во книгата „Потрагата на Бугарите по прататковината“ Пламен В’лов го цитира бугарскиот академик-историчар Васил Ѓузелев, кој нагласува дека „ прататковината на т.н турко-алтајска заедница, кон која припаѓаат не само прабугарите… е источен Казахстан…“ Според Ѓузелев, “прабугарскиот јазик во натписите и други паметници е во основата турски – алтајско-турски јазик, со ирански заемки како вторични слоеви.“

Во научниот труд „Словените, Турците и Индо-иранците во раниот среден век – јазични проблеми на бугарската етногенеза“ тракологот-историчар Стефан Јорданов вели дека „тракиската“ и „словенската теорија“ за етнојазичната припадност на прабугарите немаат приврзаници во научната јавност. Но, Јорданов „прифаќа можности прабугарите да биле Турко-алтајци, Фино-угри, Сармато-алани, или „мешани етнолингвистички луѓе“ и дополнува: „Во јазикот на прабугарите е најобемен слојот на лексеми од турско-алтајско јазично потекло и карактеристики.“

Ангел Галабов, академик-професор по медицински науки, во едно интервју прави вакво разликување: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените. Старите Бугари биле од европски тип. Ние сме словенојазични Бугари“. Галабов укажува дека „прабугарите го дале името Бугарија и оти тие се носители на нејзината државност, цивилизација.“

Според, светски угледната „Енциклопедија Британика“, името Бугарија доаѓа од Бугарите, „народ, кој е сè уште предмет на академски спор во однос на нивното потекло (турско или индоевропско) како и за нивното влијание врз етничката мешавина и јазикот на денешна Бугарија“.

Овие дилеми на Бугарите за нивното етничко потекло и јазик се денес дел од главните причини зошто посегаат по македонскиот идентитет: бидејќи се уште немаат осознаено кои се и од каде се, тогаш „разјаснуваат“ со она го имаат Македонците, присутни на Балканот многу векови пред Бугарите, и се обидуваат да ги присвојат македонскиот идентитет, јазик и историја. Бугарите имаат „комплекс на неосознаен идентитет“, или можеби и фрустрации и „комплекс на многу помала идентитетска вредност“ во однос на Македонците.

Македонците немаат потекло од иранските, руските или турските степи, од азиски или други простори како прабугарите. Македонците немаат турско-алтајски, тракиски и други лексички слоеви во македонскиот јазик. Прабугарите во следните векови од нивниот етнојазичен развој започнале да се словенизираат, а потоа делумно и да се македонизираат, преку контактите со македонскиот етнос. Уште многу години Бугарите нема да бидат способни да ги пополнат „празните дупки“ во нивниот идентитетски комплекс и ќе мора да крадат од Македонците. Но, ќе им текнува да го „турко-алтаизираат“ македонскиот јазик како свој „дијалект“, сега и со помош на еден безначаен министер за надворешни работи, кој ќе го снема за многу бргу низ политичките и геополитичките луњи на историјата!