Министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на прашања на брифинг со новинарите за едногодишното претседавање на земјава со ОБСЕ рече дека една од тешкотиите е како да се најдат 70-ина ВИП-возила за министрите кои ќе дојдат на завршната конференција во Скопје.

Заборавил ли Османи дека владата во која тој беше вицепремиер за евроинтеграции а сега е шеф на дипломатијата за неколку години купи стотици службени возила меѓу кои голем број луксузни.

„Најголемата ставка ќе биде министерскиот состанок, со што трошоците тука ќе зависат од тоа како ќе се среди просторот и во однос на возилата. На пример, засега е многу тешко да најдеме 70 возила што ги исполнуваат стандардите. Бараме начини како да најдеме спонзори по однос на возилата за да немаме трошоци. Некои трошоци ќе зависат од тоа дали ќе најдеме спонзори или не, меѓутоа ќе бидеме транспарентни во текот на целата година во однос на трошоците“, изјави Османи кој претходно спомена и опција да се позајмат возила од земјите од регионот.

Предходно претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека во текот на Ковид кризата владата набавила 150 возила со вкупна вредност од над 3,6 милиони евра, односно луксузни возила со поединечна вредност од 20.000 до 40 000 евра.

Во декември 2021 година Слободна Европа јави дека од почетокот на пандемиската 2021 година до крајот на годината владините институции набавиле или изнајмиле најмалку 85 возила во вредност од 2,9 милиони евра , покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Ако на ова се додаде и најавената набавка на возила за АЕК, вкупната сума ќе порасне за 200 илјади евра.

Седани и лимузини, со големи екрани во боја, грејачи на седишта и дополнителна опрема се најчестите возила кои државните инститиции ги купувале или изнајмувале, покажуваат договорите склучени за јавни набавки. Според податоците на бирото за јавни набавки и новите автомобили кои АЕК сака да ги купи, еден од нив мора да поседува камера со приказ од 360 степени, ЛЦД екран од најмалку 10 инчи, загревање на предни и задни седишта и на волан, безжичен полнач за телефон од најмалку 15 вати, како и затемнети задни стакла со УВ заштита. Бојата треба да биде црна металик. Останатите шест возила треба да бидат на хибриден погон, со 8-инчен ЛЦД екран, додека греење на седиштата не е задолжително.

,,Во изминатава пандемиска година во која власта со разни кризни мерки ги помагаше компаниите и бараше од институциите да штедат и преиначуваат буџети, потрошила најмалку 3 милиони евра за набавка или изнајмување на автомобили. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека најмалку 10-тина институции одлучиле во пандемиската година да купат нов лускузен автомобил, додека пак дел купиле автомобили од средна класа, објавија медиумите тогаш.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации пред објави истражувања за набавени возила од страна на државните институции пред Ковид кризата.

За нови возила за само две и пол години, државата потрошила 8 милиони евра. Купени се 392 возила по средна цена од 17.000 евра за возило или вкупно нешто над 8 милиони евра биле потрошени од страна на државните институции.

„Набавени биле 392 возила вкупно, и вредноста е 8 милиони и 130 илјади евра. Бидејќи просечната цена нема да го даде точниот резултат, средната цена е 17 илјади евра од возило“, изјави Герман Филков во септември 2020 година.

Ако се соберат сите бројки за набавени возила последниве 3 години излегува дека владата купила над 500 возила од кои голем број се луксузни и ги задоволуваат стандардите за ОБСЕ конференцијата но сепак министерот Османи ќе изнајмува и ќе бара донатори за автомобили а дополнително покрај огромна администрација ќе плаќа агенција да го промовира претседателството со ОБСЕ.

Османи призна дека ДУИ и СДСМ ги уништиле сите капацитети на владините институции