Османи не кажа дека тој го побарал рускиот шеф на дипломатијата Лавров

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во својство на Претседавач со ОБСЕ, оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

Според соопштението на МНР не се знае кој кого побарал односно Османи не кажа дека телефонскиот разговор се случил на негово барање, како што стои во соопштението на руското министерство.

Министерот Османи не потенцираше дека со Лавров зборувале за нормализирање на функционирањето на ОБСЕ и надминување на пречките за буџетирањето на организацијата.

Според македонското МНР во разговорот, министерот Османи се осврнал на предизвиците во регионот на ОБСЕ и ја повторил приврзаноста на Претседавањето на С. Македонија кон почитување на темелните принципи и заложби на ОБСЕ.

,,Во тој контекст, уште еднаш ја потенцираше неопходноста од прекин на агресијата, повлекување на руските воени сили од Украина и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Во продолжение, министрите Османи и Лавров разменија мислења за најактуелни прашања поврзани со функционирањето на ОБСЕ”, објави МНР.

,,На 30 август Сергеј Лавров имаше телефонски разговор со Актуелниот Претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (#ОБСЕ), Министерот за надворешни работи на С. Македонија Бујар Османи.

Се разговараше за актуелни прашања од агендата на ОБСЕ. Главното внимание беше посветено на системската криза во Организацијата, изгледите за назначување на актуелно претседавање со ОБСЕ за 2024 година и шефовите на извршните структури, како и на пречките за усогласување на Консолидираниот буџет на Организацијата за тековната година.

Сергеј Лавров ја истакна потребата за нормализирање на активностите на ОБСЕ врз основа на Деловникот, за развојот и усвојувањето на одлуките исклучиво во согласност со основното правило на консензус”, стои во соопштението на руското МНР.