Министерот за надворешни работи Бујар Османи, им порача на Македонците во Албанија слободно да ја изразат и потврдат својата етничка, јазична религиска и идентитетска припадност на пописот на населението кој започна на 18 септември и ќе се спроведува до 30 октомври.
„Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа, вие дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, рече Османи.
Министерот за внатрешни работи во говорот ги потенцираше и, како што рече, добрите односи кои нашата земја ги негува со Албанија.
Османи истакна дека деновиве сме сведоци на пропаганди кои влијаат на одлуката, притоа не водејќи сметка за чувствата на Македонците, но тоа воопшто не треба да ги загрижува македонските граѓани од овој крај.
Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата, а Бугарија и пред тоа, но посебно по признавањето, активно дејствува на терен меѓу населението, делејќи книги и учебници и давајќи стипендии за студирање во Бугарија на албански граѓани што се изјаснуваат како Бугари.
Така, претседателот пак на бугарската организација Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, на Фејсбук им порача на жителите на Пустец дека ако на пописот не се определат како етнички бугари, во тој случај бугарските пасоши ќе им бидат повлечени.
Пред самиот почеток на пописот во Албанија пак, Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, замина во посета на Албанија, на средби со претставници на бугарското малцинство и отвори неделном училиште на бугарски јазик.
