Османи и стоте стапа врз грбот на Македонците – Пишува Роберт Димитриевски

Ептен „принципиелен“ овој Бујар Османи. Се „насекирал“ министерот за надворешни работи што во предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за односите со Бугарија не било користено наметнатото име на македонската држава, спротивно на волјата на огромното мнозинство Македонци. Па уште ќе порача дека ДУИ ќе го поддржела документот на најголемата опозициска партија само ако во него стоела „Северна“.

„Резолуција во која не се користи уставното име, нема правна форма“, ќе заклучи поранешниот министер за здравство, за кој на чудесен начин исчезна кривичната пријава за корупција од сегашниот им владин партнер СДСМ.

Бре, бре, бре! Бујарчо многу да ти бил по Уставот. Тогаш кога им одговара нему и на неговата партија. Во спротивно, нели, највисокиот законодавен акт е генератор на проблеми во општеството и, „како таков“, мораше да се претвори во алатка за остварување на Тиранската платформа. На пример, со Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот стана официјален на целата територија на државата и во општини каде што нема ниту еден Албанец.

Е па вака, другар Бугар, пардон, Бујар (полека, нема место за нервоза, така некако се чувствуваат Македонците кога некој друг ги преименува и им кажува како треба да им се вика државата). Како би реагирале ти и секој друг Албанец ако некој само помисли, а камоли проба, на вашиот народ да му чепка по најсветото?

За каков црн Устав зборуваш шефу на некаква си дипломатија што им служи на сите, а најмалку на мнозинскиот народ во Македонија? Оној што на силеџиски начин го сменивте заради преименување на државата наспроти јасно искажаната волја на избирачите, меѓу другото и на твои сонародници, со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум? Кога од притвор вадевте пратеници и со уцени и притисоци ги теравте да гласаат во Собранието?

Или мислиш на Уставот со кој твоите сопартијци и послушниците на Заев го избришаа собранискиот под кога го „избраа“ Талат Џафери за спикер без записник? А Преспански што го објавивте во „Службен весник“ со потписот само на дезертерот од две армии, а без на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, како што налага, хм, Уставот?!

Без нималку емпатија за сограѓаните Македонци, на кои им се превртува утробата од наказната додавка на името на нивната матична држава, Бујар нашол да држи предавања за право и Устав?! Еј, функционер на партијата настаната од УЧК, која во 2001 година се крена токму против уставниот поредок и за која тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, велеше дека е банда на криминалци и убијци?! А бе ајде!

Лесно е, Османи, да тргуваш со интересите на друг. И да си галантен пред сите што не престануваат да бараат од Македонците да си ја доисечат гранката врз која седат. Сто стапа врз туѓ грб не болат, нели Бујар? Ќе беше ли толку по словото на законот ако стануваше збор за националните интереси на Албанците, кои, не дај боже, би ги раздавал припадник на друг народ (не мора да е Македонец)? А, „уставобранителу“?