Ослабената Македонија поразена од Хрватска во пресрет на ракометниот мундијал

Без Никола Митревски, Филип Талески и Цветан Кузманоски, ракометната репрезентација на Македонија загуби од домаќинот Хрватска со 40:34 на стартот од „Кроација куп“ во Пореч.

Последната проверка пред Светското првенство во Полска и во Шведска избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе ја имаат утре против Израел.


„Црвено-жолтите“ беа рамноправни во поголемиот дел од првото полувреме во распродадената сала „Жатика“, каде што по 22 минути игра беше нерешено 15:15, а на паузата „коцкестите“ заминаа со водство од 22:19.

Во последните 10 минути тимот на Хрвое Хорват имаше максимални седум гола позитива, на 2,5 минути до крајот Македонија се доближи на 34:37 и тука застана.

Исклучително лош ден на македонскиот гол имаа Мартин Томовски и Марко Кизиќ, кои во првиот дел не забележаа ниту една успешна интервенција, за на крајот на мечот заедно да имаат само две, и двете Томовски.

Дејан Манасков со 9 гола од 12 обиди беше најефикасен во поразениот тим, за кој Филип Кузмановски оствари ефект 7/8, но имаше и 7 загубени топки.

Македонија на СП ќе почне на 13 јануари против носителот на групата Норвешка, два дена подоцна ќе ги одмери силите со Холанија и на 17 јануари ќе игра со Аргентина.