Оргазми и други необични будалаштини – пишува Драган Милосављевиќ

Ноторен факт е дека ние сме општество кое, иако многу се гордее со мулти-култи и секаква друга толеранција, во основа е исклучиво и нетолерантно кон ништо, а осoбено кон мислите на другиот ако тие не ни се допаѓаат.

Ние веднаш би газеле и ликвидирале за погрешен збор и безалтернативно се слушаме само себе или само својот водач. А нема потреба да бидеме такви.

Ништо поубаво не е од соочување со туѓото мислење и став. Ако е подобро од твоето можеш да го прифатиш за сопствена корист, ако твоето е доминатно, тогаш можеш да се обидеш да му објасниш зошто. И ако не прифаќа, барем си се обидел да направиш нешто добро.

Симплифицирам една многу сложена проблематика но токму во тоа е суштината. Слушни, прочитај, види што има да каже другиот, па дури потоа со отворен ум поднеси си извештај како стојат твоите вистини.

Дури и кога се соочуваш со небулози, глупости и лигавења.

Една феминистка на пример тврди дека секогаш кога една девојка или жена ќе добие оргазам со машки партнер, таа во суштина станува соработник на патријархатот кој го угнетувал нејзиното тело! Сериозна е жената. Значи, дами внимавајте со оргазмот, работите во сопствена штета.

Еден локален лижач на моќнички газови пак, неодамна тврдеше дека жива штета било што Македонија не е поголема земја бидејќи во таков случај премиерот Заев без проблем ќе бил меѓу десетте највлијателни политичари во светот.
Сериозен беше лигавецот. Штета навистина што не сме поголеми, кај ќе ни беше крајот.

Друг локален пореметен лик со дозвола за пишување, бара да „цркнат“, да ги снема, да бидат сотрени сите кои не мислат како него и „кандидатот“ за влез меѓу десетте највлијателни политичари во светот. Не ви се умира, знам, но ете, човекот има таква желба.

Ова се само три егзамплари не само дали треба туку и дека мора да бидеме толерантни кон туѓето мислење, колку и да е неточно, затоа што ем лесно се побиваат ем овозможуваат ментална забава ако знаете што сакам да ви кажам.

Јас на пример, вчера изјавив дека Каракачанов треба да биде истегнат за уши затоа што го навредува јавно премиерот Заев. Премиерот Заев, а не приватното лице Зоран Заев. Некои веднаш скокнаа да плачат дека Заев си заслужил да биде навредуван. Не е важно што потенцирав дека ја бранам позицијата на претседателот на македонската влада, а не ликот и делото на актуелниот носител на истата.

Дел рекоа дека не е нивни премиер затоа што не го гласале и затоа што бил Северџан. За ова нема што да се елаборира понатаму, човекот е премиер на државата во која живеете, за која тврдите дека ја сакате и дека сте подготвени да се борите за нејзината слобода.

Тоа што има додавка која не ја сакаме и не ја прифаќаме не значи дека Скопје веќе не е Скопје, а Битола не е Битола. Водно е повторно на истото место, како и Охридското езеро, Шара или Беласица. Вардар и натаму тече по истото корито.

Се тече, само ние стоиме и се плашиме од туѓи реченици и туѓи погледи. А може толку многу да се научи само ако се осмелиме.

Или бар да се насмееме, кога веќе и оргазмот стана сомнителен. 🙂