Организаторите на аферата Чебрен Галиште се соочуваат со 10 годишна затворска казна

Организаторите на аферата Чебрен Галиште во која владата сака на грчки газди да даде профитен систем на македонски хидроцентрали се соочуваат со 10 годишна затворска казна.

Ова предупредување го дава професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет при Универзитетот Свети Климент Охридски во Битола кој подолго време го истражува скандалот.

,,Ние инженерите досега изложивме повеќе причини против склучување парнерство за Чебрен со Грците, но има еден нов детаљ.

Доколку Македонија ја заложи ХЕ „Тиквеш“ како сопствено учество во партнерството, таа не би смеела да остане ни еден ден подолго откако ќе биде отплатен кредитот и почетното учество на Грците, односно откако парично ќе се порамниме во сооднос 33%:67%. Од тој ден понатаму партнерството исклучиво би требало да профитира од самата ПАХЕ „Чебрен“, а никако и од ХЕ „Тиквеш“.

Според моите пресметки, тој момент би настапил помеѓу 17-тата и 20-тата година од нултата година на проектот.

Освен тоа, ни грчката компанија нема да вложи една милијарда евра (во износот се вклучени околу 430 милиони евра камати), туку само 15%-20% учество за кредитот од околу 570 милиони евра, т.е. само 110 милиони евра. Отплатата би се вршела од приходите од ПАХЕ „Чебрен“, но и од ХЕ „Тиквеш“.

Не смееме да им овозможиме на Грците незаслужено да профитираат од ХЕ „Тиквеш“ уште 50 години, а ние уште 50 години да трупаме загуби поради нереализирана добивка. Овозможувањето на противправна корист на други лица претставува и кривично дело според Кривичниот законик (чл. 247, 287 и 354)”, смета Трајковски кој предупредува дека е казниво и лажното прикажување и прикривање факти, нешто што во моментот се прави.

,,Нé убедуваат дека не сме губеле ништо со заложувањето, иако пресметките кажуваат поинаку. Впрочем, без никакво пресметки е јасно дека кредитот и инвестицијата ќе бидат отплатени долго пред истекот на рокот на партнерството од 60 години, бидејќи во спротивно Грците не би инвестирале!

Казнив е дури и самиот обид за ова кривично дело, што веќе е направен!

Доколку потпишат ваков штетен договор, особено со заложување на ХЕ „Тиквеш“, идната власт со полно право веднаш ќе може да ги обвини извршителите и да ги осуди на затворска казна до 10 години. Нека размислат добро дали им се исплати тоа”, вели Трајковски според кого за нашата држава не претставува никаков проблем да обезбеди учество од 110 милиони евра, штом обезбедиле многу повеќе за нерентабилните автопатишта што ќе ги градат „Бехтел и Енка“.

,,Само до сега, исплатиле 230 милиони евра готови пари, без ископан еден кубен метар земја. Ако не знаат каде да најдат пари, нека го ангажираат Артан Груби.

За разлика од автопатиштата, каде годишниот приход од патарини покрива одвај една третина од годишниот каматен трошок, а за отплата не станува збор туку државата ќе мора од бужетот да го отплатува кредитот, проектот за ПАХЕ „Чебрен“ е профитабилен, со време на враќање на инвестицијата од 20 години, а со ХЕ „Тиквеш“ и побргу.

Ова воедно нека биде и одговор на констатацијата на премиерот дека „ако Македонија имала пари, ќе ја изградела ПАХЕ „Чебрен“ и порано”, пишува професорот Трајковски.