Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека има изгледи да настапи „ера на рецесија“ во Европа.
Причината е што континентот се бори со растот на цените на енергијата и високата инфлација поради војната во Украина.
Обраќајќи се во парламентот, каде што вчера положи заклетва како премиер по победата на изборите во април, Орбан рече дека Будимпешта нема да ги блокира санкциите на ЕУ наметнати на Русија поради нападот врз Украина се додека тие не претставуваат ризик за енергетската безбедност на Унгарија, пренесе Ројтерс.
Откако беше избран во април за четврти последователен мандат, тој одново упати жестоки критики кон Брисел, обвинувајќи го дека „од ден на ден ја злоупотребува својата моќ“ со тоа што го потиснува суверенитетот на земјите-членки.
Сепак, тој рече дека местото на Унгарија е во Европската унија во следната деценија.
