„Европа ослабе во последната година бидејќи администрацијата на Бајден ги брани своите интереси во Брисел без ограничувања, на сметка на европските интереси“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, цитиран од Маѓар Немзет.
На затворен состанок со членовите на владејачката десничарска коалиција Фидес и Христијанско-демократската народна партија, унгарскиот премиер истакна дека одговорот на конфликтот во Украина и „цунамито од санкции“ се одразиле на европската економија, додека САД, кои имаат доволно евтина енергија, успеале да ги избегнат овие предизвици, пренесуваат медиуми.
Тој изјави дека Европа ја изгубила својата независност, економска и воена моќ за само една година и нагласи дека Унгарија мора да ги заштити сопствените интереси за да ја преброди бурата што избувна.
За да го постигне ова, Будимпешта мора да ја „одбрани својата позиција за мир против администрацијата на Бајден и Брисел“, да ја заштити унгарската економија со борба против инфлацијата и да ја зајакне својата армија, рече Орбан.
Тој појасни дека Будимпешта не поддржува никого во конфликтот во Украина, бидејќи „во оваа војна не може да има победник“.
Москва не може да победи поради помошта што Западот ја дава на Киев, но Русија е нуклеарна сила и „нуклеарната сила не може да биде притисната во ќош“, предупреди Орбан.
