Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека санкциите на ЕУ против Русија се „чекор кон војна“. Тој смета дека стратегијата на Брисел е „опасна“.

„Кој и да интервенира економски во воен конфликт зазема страна“, рече Орбан во традиционалното интервју за радио станица блиска до владата.

„Малку по малку се лизгаме кон војна“, предупреди тој, изразувајќи загриженост поради зголемување на мерките усвоени за санкционирање на руската офанзива во Украина.

Орбан се спротивставува и на предлогот на Европската комисија да ѝ се додели на Украина 18 милијарди евра помош во 2023 година во форма на заеми, чија камата би ја враќале земјите-членки на ЕУ.

„Унгарија нема да прифати членките на ЕУ заедно да се договорат за заеми за помош на Украина“, рече тој на конференција, пренесе агенцијата МТИ.

„Сè уште нема истрели над нашите глави, но ние сме многу блиску да станеме завојувана страна. Европа игра многу опасна игра“, смета Орбан.