По објавениот списк на вработени во Општина Тетово на над 800 лица за време на Теута Арифи, министерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши побара од градоначалникот на Тетово Билал Касами да ги објави податоците за склучените договори и во текот на јануари и февруари.
Претседателот на Советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши, изјави дека нивната цел од почеток била транспарентност и истакнување на сите злоупотреби што ги направило поранешното раководство на Општина Тетово.
– Доколку за вас е меден месец да си плаќате партиски милитанти од општинскиот буџет со договори на дело, додека вработените во Општинското комунално претпријатие немале ниту здравствено осигурување, за нас претставува заложба за оваа категорија граѓани кои едвај можат да си обезбедат егзистенција. Почитуван министре на ДУИ, Крешник Бектеши, Општина Тетово од стапувањето на функцијата од страна на градоначалникот Билал Касами, се залага за транспарентност и регулирање на животот на граѓаните, како и откривање и отстранување на законските прекршоци направени од страна на вашата сопартијка, изјави Дурмиши пред новинарите.
Тој додаде дека сумата од 7 милиони евра што е кај извршител поради негрижа и злоупотреба на сопартијката на Бектеши, го блокираше функционирањето на институцијата е сериозен проблем.
– 24 милиони евра долг за нас не се меден месец, туку сериозен проблем. Ова за нас претставува неодговорност кон даночните обврзници на Тетово, нагласи тој.