Влијание врз работата и инструментализација на Комисијата во политички цели. Вака го оценува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација присуството на генералниот конзул на Бугарија во Битола при вчерашното вршење увид во просториите на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

Во реакцијата на Комисијата се вели:

„При увидот, спротивно на досегашните практики, констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија, Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР“, пишува во соопштението на Комисијата.

Оттаму дополнуваат дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е формирана и работи согласно законот за спречување и заштита од дискриминација, а според одредбите содржани во Законот, Комисијата е самостоен и независен орган избран од Собранието и за својата работа одговара единствено пред оваа институција.

Увидот е по претставка на Здружение на граѓани кое го пријавило Клубот „Иван Михајлов“ за дискриминација. Како што изјави вчера членот на Комисијата, Весна Бендевска, согласно наводите во претставката, должни се да ја сослушаат и другата страна, а увидот бил најавен една недела однапред. Нивното мислење откако ќе заврши целата постапка, ќе биде објавено за јавноста на нивната веб страна.