ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ и останатите партии да ги прифатат барањата на матурантите кои се преточени во законски измени
Соопштение до јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратеничките групи и пратениците во Собранието на Република Македонија да го подржат Предлог-Законот за измени и дополнување на Законот за средно образование кои се доставени до Собранието. Овој предлог закон е во насока да се излезе во пресрет на барањата на средношколците кои во услови на КОВИД-19 пандемија, бараат бројот на предмети за полагање на матура да се скратат од 4 на 2 предмети и на тој начин да се прекине бојкотот на образовниот процес.

“Сметаме дека нивните барања се оправдани со оглед на фактот што образовниот процес се одвива во вонредни услови поради пандемијата, учебната 2020/21 година започна со еден месец задоцнување со скратени програми и скратено времетраење на училишниот час. Дополнително учениците во оваа учебна година немаа можност за реализација на целосна практична настава и поради отсуството на соодветни технички услови за следење на образовниот процес кај дел од нив.

Заради тоа со ваквите измени не само што ќе се дефинира бројот на предмети за полагање, туку и ќе се утврди времетраењето на важноста на овој закон. Патем ваков сличен пример за измени на системите за полагање на испити се применети и во други европски земји како Белгија, Франција Обединетото Кралство, Ирска”, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму жалат што министерството за образование и наука предводено од министерката Мила Царовска “немаше слух да излезе во пресрет на објективните и оправдани барања на средношколците и затоа на овој начин ќе ја исправиме штетата од нивната ароганција. Очекуваме дека пратениците од владејачкото мнозинство и останатите пратенички групи ќе дадат поддршка на ваквиот Предлог Закон за измени и дополнувања на Законот за средно образование и на тој начин ќе овозможат непречен образовен процес во услови на пандемија, со цел ниту учениците, ниту родителите ниту образованието да трпат штетни последици и да не ни случи да губиме генерација средношколци разочарани од системот и образованието”.