Руската економија се намали за околу 3 проценти во 2022 година, кога се предвидуваше пад од 15 отсто, според извештајот на Обединетите нации за светската економска ситуација и перспективите.
„По почетокот на војната во Украина, првичните очекувања беа руската економија да се намали за околу 10-15 отсто во 2022 година. Всушност, намалувањето беше само околу 3 отсто“, се вели во документот.
ОН додаваат дека високите нивоа на залихи им овозможиле на многу фирми да го одржат производството одреден период, а активностите на централната банка ја одржувале финансиската стабилност.
„Силната поддршка на руската валута поради значителниот суфицит на тековната сметка и контролата на капиталот помогнаа да се стабилизира инфлацијата и да се смени првичното заострување на монетарната политика и да се обноват кредитните текови во приватниот сектор“, се вели во извештајот.
ОН очекуваат руската економија да се намали за уште 2,9 отсто во 2023 година, доколку ништо не се промени.
Сè уште нема официјална статистика за динамиката на руската економија во 2022 година. Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изрази очекување за намалување од само 2,5 проценти.
Според резултатите од периодот јануари-ноември, според Министерството за економски развој, бруто домашниот производ на земјата е намален за 2,1 отсто. Официјалната прогноза на Министерството за 2023 година во однос на динамиката на БДП е пад од 0,8 отсто. Првиот вицепремиер Андреј Белоусов на крајот на декември рече дека очекува динамиката да биде „близу нула“.
Од друга страна, економијата на Украина се намали за повеќе од 30 проценти во 2022 година, се вели во извештајот на ОН, а тоа се објаснува со „масовното уништување на нејзината физичка инфраструктура, нарушувањата на производствените и на трговските активности, значителното намалување на работната сила и големото раселување на населението“.
ОН додаваат дека за постконфликтна реконструкција ќе бидат потребни „огромни“ финансиски средства.