ОН: Русија да плати репарации на Украина, Медведев бара САД да ѝ платат на Србија

Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН) усвои Резолуција во која се наведува дека земјата ѝ должи обештетување на Украина.

Во Резолуцијата, за која гласаа 94 од 193-те земји-членки на собранието, се вели дека Русија, која започна инвазија на соседна Украина во февруари, мора да ги сноси правните последици од нејзините незаконски дејствија.


Резолуцијата, која не е обврзувачка, но има политичка тежина, предлага земјите-членки во соработка со Украина да основаат меѓународен регистар за да се соберат докази и обвинувања против Русија.

Веднаш со реакција на Телеграм се јави Дмитриј Медведев, претседател на Советот на безбедност на Русија, кој ги повика САД да платат отштета на Југославија, на Ирак, на Виетнам, на Кореја и на многу други држави.

„Би требало да усвоите иста препорака за плаќање на целосна отштета што САД ја предизвикаа на Југославија, Ирак, Виетнам, Кореја и многу други земји кои настрадаа од Американците и од НАТО“, напиша Медведев на Телеграм, како коментар по гласањето на Резолуцијата во ОН со која се признава неопходност од воспоставување на механизам за Русија да може да ѝ плати отштета на Украина.

Во спротивно, нагласи тој, „ова изгледа како почеток на агонијата на Обединетите Нации како клучна меѓународна организација за помирување“. Според него, „Резолуцијата треба да ги легализира плановите на Западот за користење на замрзнатиот руски имот“.