Глад која ќе трае со години му се заканува на светот доколку Русија продолжи да го блокира извозот на жито од Украина. Поради руската инвазија на Украина, растечката глобална криза со храна останува надвор од контрола, предупреди шефот на ОН Антонио Гутереш.
Војната во Украина ја зголемува глобалната несигурност во храната, која беше влошена со глобалното затоплување и пандемијата на коронавирус, рече Гутереш во говорот на самитот на ОН во Њујорк, пренесе Би-Би-Си..
За само две години, бројот на луѓе кои тешко доаѓаат до храна се удвои – од 135 милиони пред пандемијата на 276 милиони денес, а повеќе од половина милион луѓе живеат во глад, што претставува зголемување за повеќе од 500 проценти во споредба со 2016 година.
Пред руската инвазија на Украина, Киев извезуваше 4,5 милиони тони земјоделски производи месечно преку своите пристаништа – 12 отсто од светската пченица, 15 отсто од пченката и половина светското производство на сончогледовото масло. Поради окупираните пристаништа во Одеса, Черноморск…извозот се врши преку пренатрупани копнени патишта, кои се далеку помалку ефикасни.
Гутереш ја повика Русија да го ослободи украинскиот извоз на жито, додавајќи дека руската храна и ѓубрива „треба да имаат целосен и неограничен пристап до светските пазари“. Русија е водечки светски снабдувач на клучни ѓубрива и гас.
Ѓубривата не подлежат на западни санкции, но продажбата е прекината поради мерките преземени против финансискиот систем на Русија.
