„Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер, министер кој се информира од медиумите наместо преку своите служби“ реагираат од „ОМО Илинден Пирин“ до министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министерот, имено, обвини дека зад Здружението што го отвори клубот во Благоевград стојат две лица од Канада кои имаат антидржавни ставови, а според Османи една од причините за забрана на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права и на Клубот „Никола Вапцаров“ било присуството на претставници на македонски политичари и граѓани на свеченото отворање во неделата.
„Господине Османи, друг пат јавете се кај нас барем да имате точна информација за да не испаѓате во ситуации како сегашната – министер сте!
Друштвото за заштита на основни човекови права, не е забрането после отворањето на клубот, ниту како последица од доаѓањето на вашите политички опоненти на неговото отворање. Тоа е недоразбирање во некои медиуми, кое и вие го ширите сега. Друштвото е дерегистрирано три недели порано, само што Врховниот суд така и не ги информирал неговите членови“, велат од „ОМО Илинден Пирин“.
Процесот за одземање на регистрацијата, тврдат оттаму, е започнат уште во 2019, а веќе во 2020 година во Благоевград имало одлука во таа насока“, велат од ОМО „Илинден“-Пирин.
