Забранетата партија на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“-ПИРИН во одговорот до македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави дека треба да се провери кој стои зад отворањето на клубот ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград, му реагираше дека тој „бара изговор, за да не дојде на отворањето на клубот в недела“

„Основач на клубот е Здружението за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија. ‘Финансиери на Клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто, Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас. Посредник е Македонското меѓународно движење за човекови права.“ – укажува ОМО Илинден-Пирин

Во реакцијата ОМО Илинден-Пирин продолжува: „Но, Османи не се интересира за тоа кој го отвора клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот во врска со други настани. Можеби затоа што си барате изговор зашто нема да дојдете?! Правдање! Зошто министерот за надворешни работи на Македонија не ги поддржува Македонците во Бугарија?“

„Така е кога првиот македонски дипломат се информира од сајтови, кои шират прикриено бугарска пропаганда во Македонија. Ем не помага, а ги напаѓа оние кои ни помагаат! И каков срам – шефот на македонската дипломатија ќе проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат.“

„Две прашања, Османи: (1) Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање? (2) Не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат дека нешто треба да проверуваат на нивна територија? Од кога македонското Министерство за надворешни работи е разгранок на Министерството за внатрешни работи на Бугарија?“

„Отворањето културен клуб на име на поетот-антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање ‘културен’ клуб на име на терорист и Хитлеров соработник. Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација! Тие активности не можат да штетат на вистински и искрени добрососедски односи – токму спротивно.“

„Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и кој е нашиот интерес. Вие така или инаку – се откажавте од нас! Тие кои не се откажаа од нас – доаѓаат в недела. Тие се добродојдени.’ – стои во пораката на ОМО Илинден до министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи.