ОМД: Мешањето на Стејт департмент во Македонија е контрапродуктивно

Обединета македонска дијаспора (ОМД) остро ги критикува поддршката од САД за Преспански договор и, како што вели во својата реакција, мешањето на Стејт департментот во македонската внатрешна политика.

„На 18 октомври 2018 година ОМД оствари средба со новиот стафер за Македонија на Стејт департментот на Соединети Американски Држави, Џил Дитчрик, во канцеларијата на ОМД во Вашингтон. Средбата следеше по остварениот состанок во првата половина на август 2018 година помеѓу претседателот на ОМД, Методија Колоски, и заменик-помошникот за европски прашања Метју Палмер, заменик директорот Сузан Фалатко и Џил Дитчрик. За време на состанокот Колоски изрази несогласување со референдумот за промена на уставното име на Македонија, како и со распределбата на фондовите на УСАИД за поддршка на референдумот.

На вчерашниот состанок претставниците на ОМД остро ја критикуваа условеноста на Македонија за промена на уставното име по цена на придобивките наведени во Преспански договор. ОМД исто така изрази несогласување со неодамнешните изјави на Стејт департмент, кои погрешно ги интерпретираат резултатите од референдумот одржан на 30 септември како успешни. Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија го прогласи референдумот правно неважечки поради незадоволениот услов за исполнување на клучните 50 отсто излезеност дефинирани во Уставот.

ОМД се спротивстави и на актуелното писмо од страна на помошник секретарот за европски и евроазиски прашања Вес Мичел упатено до лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кое дава впечаток на партиска фаворизација во Македонија. Ова писмо, заедно со изјавата на потпретседателот Пенс, изразуваат поддршка за уставните промени на Македонија, и се значителни и вознемирувачки пример на несоодветно мешање на САД во домашната политика на Македонија.

Очекувањата од Македонија да спроведе уставни промени е спротивно од клучните принципи на администрацијата на претседателот Трамп за немешање во внатрешните политики на суверените нации. Напорите на САД за вршење на притисок врз Македонија за промена на уставното име на земјата, заради задоволување на барањата на Грција, според ОМД се контрапродуктивни и несоодветни. Пристапувањето на Македонија во НАТО и ЕУ не смее да биде предмет за промена на уставното име на земјата. Наместо тоа, САД треба да ѝ помогне на Македонија во исполнувањето на критериумите за членство, што бара структурни реформи, владеење на правото и стабилни владини институции.

ОМД, исто така, изрази загриженост во врска со вмешувањето на американскиот амбасадор Џес Бејли во секојдневниот живот на Македонците – особено притисокот на пратениците да гласаат за уставни промени и побара итно повлекување од неговата функција во Македонија. Ваквите акции го нарушија имиџот на САД во Македонија, во регионот и ја намалија македонската поддршка за влез во НАТО и во ЕУ. ОМД ги поддржува државјаните на САД кои бараат истраги за однесувањето на амбасадорот Бејли, вклучително и во соодветна употреба на американските даночни долари за да ги поттикнат Македонците да поддржат еден исход над друг.

ОМД цврсто верува дека поддршката на САД на Преспанскиот договор ја поткопува демократијата во Македонија и ќе доведе до уште поголема нестабилност во регионот“, се вели во реакцијата од најголемата организација на македонски иселеници во светот, со седиште во Вашингтон.