Доколку САД и ЕУ бараат уставни промени од Македонија (со внесување на Бугарите во Уставот) тогаш е сосема логично и Бугарија да го признае македонското малцинство.
Ова се вели во соопштение од Обединетата македонска дијаспора од каде испратиле писмо до американскиот заменик-помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар во кое побараа тој да се залага за правата на Македонците во Бугарија и да ја посети Софија веднаш по посетата во Скопје, пренесува МКД.Мк.
„Хипокритично е да се бара заштита на правата на малцинствата кај членка кандидат а да се занемаруваат правата на малцинствата во полноправна членка како што е Бугарија.
Бугарија, која има 14 пресуди од европскиот Суд за човекови права за дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, треба Македонците да ги стави во својот Устав, се вели во соопштението.
„По контроверзната посетата на косовскиот премиер Курти во Македонија, од Ескобар побаравме да даде изјава дека САД не поддржува иредентистички идеи и промена на границите во Балканот.
Во писмото го потсетивме Ескобар дека Македонците не се ‘северномакедонци’ и дека Македонците не се само ‘православен народ’ како што Ескобар н’е има наречено во интервјуа во минатото. Македонскиот народ е разнолик, со луѓе од различни вероисповеди, иако мнозинството се православни.
САД е иницијатор и потписник на Декларацијата на човекови права на Обединетите Нации која полни 75 години во декември.
САД има должност да го брани и правото на самоопределување и човековите права на македонскиот народ, како што тоа веќе го прави многу погласно за некој од другите народи во регионот“, се вели во соопштението на ОМД.
