Охрид: Холандски туроператор ги откажа аранжманите

Холандскиот туроператор „Корендон“ преку кој на охридско-струшкото крајбрежје доаѓаа најголемиот број туристи од таа земја ги откажа аранжманите за летната туристичка сезона. Слично постапија туроператори од Белгија, Турција и други земји поради што очекувањата за шпицот на сезоната се далеку поскромни од предвиденото, јавува „Охридњуз“.

Иако за 19-ти јули е најавено доаѓање на холандски туристи преку друг туроператор, бројот на гостите ќе биде минимален споредено со периодот пред коронакризата.

Во моментов од Полска има два чартер лета неделно, но по одлуката на тамошните власти за воведување на карантин при враќање дома состојбата се усложнува.

Шпицот на сезоната се очекува да почне на 15-ти јули и овојпат како и лани хотелиерите ќе се потпрат на домашните и туристите од соседните држави.

Но, неизвесноста со која се соочуваат охридските туристички работници оваа година ќе биде поголема поради тоа што голем број од домашните туристи кои минатата година поради коронакризата беа во Охрид сега ќе отпатуваат во странство.