Неочекувана реакција од Атина од каде претставник на грчката влада реагира на употребата на придавката Македонски и мистериозно укажува дека добрите намери при спроведување на Преспанскиот договор се важни за приемот на Македонија во ЕУ.
“Премиерот на с. Македонија мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани”, рече владиниот портпарол Аристотелија Пелони која го коментираше на твитот на Зоран Заев во кој македонскиот премиер ја нарече фудбалската репрезентација која учествува на Европското првенство 2020, како „Македонска“.
„Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух и го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање како што е фудбалот“, рече Пелони која даде и изјава која може да загрижува затоа што навестува дека е можно со користење на придавката Македонски Македонија повторно да биде блокирана на патот кон ЕУ.
„Во секој случај, добрата намера за спроведување на договорот е еден од критериумите за пристапување на земјата во Европската унија“, рече Пелони во изјавата која е збунувачка за јавноста затоа што според Преспанскиот договор нема забрана за користење на придавките Македонски, македонско, македонски ниту на националноста Македонци.
Присуствувајќи на натпреварот меѓу Македонија и Холандија во понеделникот, Заев објави на Твитер: „Денес, од стадионот во Амстердам, ја нудам мојата силна поддршка за македонската фудбалска репрезентација“.
Како според Пелони и грчката влада треба да се нарекува македонската репрезентација не се открива но извесно е дека за Грција е прифатливо северномакедонска.
Дали е ова само мал ПИ АР на грчката влада или се работи за официјална позиција која дополнително ќе ескалира ќе се види за многу брзо време.
Сите македонски политичари од власта пред локалните избори се обидуваат да го избегнат зборот Северна а придавката македонски се користи буквално од сите.
За што реагираше официјална Атина
Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација. 🇲🇰⚽️
Благодарност до холандскиот премиер Марк Руте – @MinPres за поканата заедно да го следиме натпреварот. Без разлика на резултатот од мечот, од денес #MKD и #NED се уште поблиски. pic.twitter.com/ne9WEtd7oC
— Зоран Заев (@Zoran_Zaev) June 21, 2021