Ограничувањата значат растеж – забораваме колку можеме повеќе

За Нико Ѓоргиевски, тенор, првпат слушнав во 2019 година кога мои пријателки, инаку од странство кои живеат во Македонија, ми споделија дека присуствувале на незаборавен концерт на класична музика во пештерата Врело на Матка.

Оригиналната идеја, уникатноста во изборот на музички дела и изведбата како и извонредниот различен пристап кон уметноста и професијата беше причината да поразговараме со Нико за неговиот кариерен избор, за предизвиците со кои се соочуваат уметниците во ова време на пандемија како и за инспирацијата да се следи личниот сон.


КЗП: Раскажете ни накратко како го направивте изборот на Вашата кариера?

НЃ: Кога музиката се става во контекст на она што во капитализам го нарекуваме професија, и во неа градиме “кариери”, некако многу е полесно т.е. попросто да се одговори на прашањево. Имав метал бенд, сакав да научам да пеам без да се дерам, па зедов часови пеење кај покоен Пеце Митревски во Битола. Си ги открив можностите, et voila (и тоа е тоа, сѐ друго е историја)!
Ама од духовниот, филозофски аспект на истово прашање, што е далеку поголемо од било каков човечки општествен конструкт, ќе речам дека јас не избрав ништо. Јас бев избран од нешто повеќе од мене и морав понизно да ја прифатам улогата оти кога еднаш ќе ѕирнеш низ таа клучалка, враќање нема. Тоа се други вистини, допир до Логосот, желба да споделиш, а немаш како со зборови или било какви приучени начини на комуникација… Едново и другово заради природата наша дуална, си се преплетуваат и си живеат сложно заедно… некако.

КЗП: Се чини дека имате многу таленти и дека уметноста тече низ Вашите вени. Кој дел од Вашата уметничка сестраност најмногу го сакате?

НЃ: Благодарам на комплиментот. ☺
Знаете, во науката некако тенденциозно, но оправдано се турка да се стигне до една ТЕОРИЈА НА СЀ. Нешто што сѐ ќе оправда. Апологија на постоењето. Уметноста, ако вистински допрела, ако не е земена здраво за готово, ако не е свесно ограничена на “занает”, не допира само во еден нејзин дел, гранка. Ве бара цел.
Ако се предадете и отворите на нејзините светови, лавиринти, тунели, океани, универзуми… станува збор за апсолутна возљубеност не на дел од себе туку на сѐ што постои.

КЗП: Во изминатиот период пандемијата најсилно ги погоди уметниците. Како Вие го негувавте Вашиот уметнички порив во изминатата година и половина?

НЃ: Ограничувањата ги гледам како потребната констрикција за растеж. Има ракчиња кои користат куќарки од изумрени морски полжави и школки и живеат заштитени во нив. Тоа ракче за да порасне, мора да излезе од заштитата што му ја нуди украдениот дом. Така и ние со нашите не секогаш заслужени комфорт зони. Забораваме колку повеќе можеме и колку повеќе треба да правиме. Идеите секогаш се раѓале во момент на некаков вид на констрикција или фрустрација. Некаков чкрипец. Проблем. Што ќе ни е решение ако нема проблем?! А ние по природа, треба да решаваме проблеми… Од тука и идејата за Matka Summer Nights. Во овој период на пандемија, ограничувања и карантини, концертите во пештера беа недозволени бидејќи беа во затворен простор. Најдов решение кое самото е поголема школка од само моето тело. Како бебе сакав да ги облекувам чевлите на татко ми… Хахаа

КЗП: Во подготовка сте на уште еден извонреден уникатен настан, може ли да ни кажете повеќе?

НЃ: Нешто начнав во претходното прашање, како по интуиција. Ај сега да го доотсликаме тоа платно. Сте биле на Матка?! И да не сте биле… Замислете: Самрак, се палат светла полека, музичари на сплав на сред езеро, а вие уживате во кајче или катамаран или на маса во ресторан на обала со вашите најблиски пиејќи чаша црвено вино, мезејќи масно сиренце, нели Бог дал во земјичево ни… …повиени со ќебенце оти дувка свежо ветре, ама ве грее музика и винцето и љубовта до вас и околу вас. И така сите заедно заблагодаруваме на убавината околу подарена, и на уште еден поминат ден во нештово наречено Живот, додека сведочиме на доаѓањето на ноќта, ги поздравуваме ѕвездите и пееме или свириме химни во чест на сѐ што постои. Ете, тоа е идејата за настанот кој во моментот го подготвувам, а кој како што погоре споменав е еден вид излегување од комфорната зона, комоцијата на „школката“. Меѓу карпите во кањонот, на сѐ што пее и/или свири, природата пее и свири во дует со него. Акустиката е величенствена. Ете, тоа е летниот фестивал – Matka Summer Nights.
На 07.07, среда, Иванден, ќе се случи првиот концерт во кој ќе зазвучат познати оперски арии и дуети како и песни и дуети од познати мјузикли. Вечерта ќе ја имам честа до мене да се моите драги пријатели Андреја Наунов, со кој ја почнавме целата приказна заедно со Спелеоконцертите – концертите во пештера Врело, потоа Дино и Ади Имери, Калина Велковска, Полина Тасева, Сандра Митровска и една млада мецосопранистка која пријатно ме изненади со нејзиниот талент, Мариана Бошковска. Нема сѐ да ви откријам, дојдете да го доживееме сите заедно. И ние ќе го доживееме за прв пат заедно со вас. После овој концерт, ќе следат концерти на наши млади, реномирани и крајно талентирани артисти како Тања Царовска, Антоние Весковски, солистички концерти ќе имаат и Дино и Ади Имери, за првпат како братско дуо пијано и електрична гитара и Андреја Наунов кој ќе нѐ почести и воздигне со дела за органа и црковен хор. Следуваат и изненадувања за кои датите сѐ уште не се определени.

Информациите за сѐ поврзано со фестивалот, можете да најдете на www.facebook.com/matkasummerfestival.

Билети ќе можат да се купат на www.bileti.mk

Пишува: Катерина Златановска Попова – Советник за развој на кариера