„Огнената група“ во ДУИ можна причина за пораз и распад на партијата (АНАЛИЗА)

Анализа на информативната агенција Журнал, која важеше за блиска на партијата на Али Ахмети на тема: „ДУИ ќе доживее пораз на локалните избори – може и да исчезне како политичка партија!“, открива нови можни разврска во албанскиот блок во Македонија.

„На претстојните локални избори Демократската унија за интеграција ќе доживее пораз, а опозицијата ќе победи. Ако не преземе активности да преживее, многу е веројатно дека на оваа партија ќе и се случи политички да исчезне како последица на опаѓањето на поддршката од страна на албанското бирачко тело, но и поради дејствувањето на ‘Огнената Група’ – ‘група на внатрешно – партиските незадоволници’. Податоците на агенцијата Брима Галуп покажуваат пад на поддршката за ДУИ и пораст на поддршката за Алијансата за Албанците и Алтернатива, како и за Движењето ‘Беса’ – констатира информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар, кој го објави под наслов „Пад на рејтингот на ДУИ: одраз на ‘Групата на огнот’, или народот повеќе не им верува!“

„Журнал“ пишува: „Претстојат локалните избори во Македонија и поради тоа започнаа да се спроведуваат разни анкети со цел да се согледа поддршката, што ја имаат политичките партии во земјата. Последната анкета направена од Брима Галуп покажува пад на рејтингот на ДУИ и во исто време зголемување на поддршката за Движењето ‘Беса’ и за коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Ова може да биде сигнал дека ќе има промени на политичката сцена во албанскиот кампус.“

Во уредничкиот коментар на агенцијата натаму се истакнува: „Демократската унија за интеграција доминираше на албанската политичка сцена речиси 20 години, победувајќи во секој изборен циклус, кој беше одржуван во текот на овој период. Но, во последно време оваа партија бележи опаѓање на поддршката кај бирачкото тело и тоа може да биде последица на поделбите што се случуваат внатре во оваа партија.“

Тврдејќи дека „Поделбата внатре во партијата дојде како резултат на именувањата во вториот владин состав на премиерот Заев“, „Журнал“ дополнува: „Именувањето на Артан Груби во тој нов состав и иставањето надвор на некои од клучните личности на партијата, како и немањето претставници на некои изборни единици во извршната власт, повлијае врз создавањето големо незадоволство внатре во ДУИ. Сево ова доведе до создавањето на ‘Групата на огнот’ (внатрешно – партиски незадоволници и бунтовници). Тоа ги потресе темелите на ДУИ и може да ја чини многу скапо оваа партија.“
Информативната агенција во својот едиторијал го вели и следното: „Неспорно е дека ‘Групата на огнот’ влијае силно врз нивото на поддршката за ДУИ. За ова сведочат и последните анкети, според кои поддршката за оваа партија искажува пад и дава јасна слика за ситуацијата во која се наоѓа таа. Тоа испраќа сигнал дека веројатно завршува нејзиното политичко доминирање во албанскиот политички кампус. Историјата не учела дека внатрешните раздори се причинители за растурањето, или исчезнувањето на царстватата, државите, или на политичките партии и многу е веројатно дека исто тоа ќе се потврди и во случајот со Демократската унија за интеграција.“

Во уредничкиот коментар на „Журнал“ се поместуваат и овие податоци од анкетите на Брима Галуп:

Анкета на Брима Галуп за 2020 година за поддршката политичките партии во Македонија
Демократска унија за интеграција (ДУИ)
8.2 %
Алијанса за Албанците – Алтернатива
4.9 %
Движење „Беса“
2.6 %
Демократска партија на Албанците (ДПА)
0.6 %

Последната анкета на Брима Галуп за поддршката на политичките партии во Македонија (2021)
Демократска унија за интеграција (ДУИ)
6.3 %
Алијанса на Албанците – Алтернатива
5.9 %
Движење „Беса“
3.9 %
Демократска партија на Албанците (ДПА)
1.6 %

„Журнал“ вака ги коментира податоците на Брима Галуп: „Оваа анкета покажува големо опаѓање кај ДУИ во еден многу краток период, оти е намалена поддршката на избирачкото тело за оваа партија за 1,9 отсто.Ако поделбите продолжат, многу е веројатно дека поддршката на албанскиот електорат за ДУИ ќе опадне уште повеќе. Тоа ќе предизвика пораз на оваа партија за првпат во дводеценискиот период. Ако во ДУИ не ја увидат разликата меѓу преживувањето или исчезнувањето, тогаш ова најверојатно ќе биде поводот оваа партија политички да исчезне.“

Според информативната агенција, „албанските политички партии во опозицијата бележат пораст во поддршката во споредба со 2020 година“: „Тоа покажува дека овие партии го освојуваат теренот во однос на ДУИ. Алијансата за Албанците и Алтернатива во споредба со анкетата од 2020 година забележале пораст на поддршката на албанскиот електоратот за 1 процент. Разликата меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците е само 0,4 отсто. Тоа е запоставлива разлика, што навистина го покажува поразот на ДУИ и победата на опозицијата.“

„Беса“ стана важен фактор во албанскиот политички кампус“ – смета „Журнал“: „Движењето ‘Беса’ има голем пораст во поддршката во споредба со 2020 година. Тогаш ‘Беса’ имаше поддршка од 2,6 отсто, додека во новата анкета на Брима Галуп таа има поддршка на бирачкото тело од од 3,9 проценти. Овде се бележи пораст од 1,3 отсто. Оваа партија стана важен фактор во албанскиот политички фактор и во идните калкулации за изборните коалиции.“

„Оваа анкета покажува дека изборната поддршка во албанскиот политички кампус забележала разместувања. Тие податоци овозможуваат да се разбере дека е многу можно да се случи политичка ротација кај Албанците, оти овие избори можат да го одбележат крајот на политичкото доминирање на ДУИ.“ – заклучува информативната агенција „Журнал“ на крајот од својот уреднички текст, во кој ги коментира податоците од анкетите на Брима Галуп за лани и годинава, како и внатрешно – партиската ситуација во ДУИ и разместувањата во албанскиот политички табор.