Однапред загубената битка на Мила – Пишува Роберт Димитриевски

Џабе напнува Мила Царовска. Трагикомичната наставна програма за новокомпонираниот франкештајновски предмет „историја и општество“ за четврто одделение, со која под темата „мојата држава“ (која?) „ученикот/ученичката ќе развива идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија“, однапред е осудена на пропаст.

Прво и основно, северната недојдија на министерката за образование и наука и на анационалната булумента околу неа во Владата на „нашата земја“ е мртвороденче и тоа им е јасно и ним, и на сите што ги поддржуваат, вклучувајќи ги и менторите однадвор. Кај огромниот дел од граѓаните, а посебно меѓу Македонците, (Република) Македонија и понатаму живее не само разговорно, туку и во мислите, во емоциите и во нивната манифестација.

Нека ја погледаат Мила и енџиовската збирштина околу неа репортажата од Македонија на данскиот блогер што промовира туристички дестинации од Европа, насловена „Оваа земја си го мрази името“, која ја почнува токму со констатацијата дека над 90 проценти од луѓето што ги сретнал не го користат новото име на државата. Или нека појдат на натпревар на кој игра македонската репрезентација во кој било спорт и нека слушнат скандирање „Северна“.

Така што развивање идентитет на некаков си граѓанин на РСМ, а не на Македонец, другари реформатори, можете да ѝ го закачите на мачка на опаш. Ниту имало, ниту ќе има такво нешто, колку и да се трудите.

Второ, се лажат ако мислат и Мила, и шареното друштво, дека основното образование почнува од прво одделение во училиште. Не, бе, душички зинати за дел од колачот од 21,5 милиони евра од Светска банка што ќе го враќаат децава од кои сакате да направите граѓани, а не Македонци. Основното образование нашите деца прво го добиваат дома – од баба и дедо, од мама и тато, од роднините и семејните пријатели додека не стасаат за училиште.

Е во тој период, клучен за нивниот понатамошен развој, малите срциња слушаат песнички и приказни за војводи и комити, за партизани и бранители. Разбираат дека ова што еден ден ќе им припадне ним е Македонија, дека во неа живеат Македонци и оти јазикот што го зборуваат тие е македонски. Се учат да ја сакаат и чуваат својата татковина „како зеницата во окото“, да пејат македонски песни, да се вдахновуваат од македонските херои и да ги разликуваат од предавниците. Да ги почитуваат различните од себе според етничката или верска припадност, но прво да си ја знаат и љубат дедовината.

„Северна“ во оваа приказна му доаѓа како нешто неприродно, туѓо тело, нешто од кое нормален човек, посебно Македонец, се срами и оградува. А врз нешто од кое некој се срами не се гради идентитет.

Никој со три чисти во главата не се идентификува со наметнато, натурено, вештачки насадено име. Најмалку деца на родители со изграден идентитет, на кои ни сто Мили и уште сто пати по толку нејзини потрчковци и бедни души со единствен идеал во животот да се на државни јасли и да сркаат „чорбиче за пеевче“ не можат да им продаваат шарени лаги за тоа кои се и што се. А такви, за жал на отпаднициве од родот свој, се огромното мнозинство Македонци.