Одложено судењето за случајот „Пендиков“

Судот во Охрид за 5-ти април го одложи судењето за претепувањето на Христијан Пендиков, откако одбраната на обвинетиот побара дополнителни докази од Обвинителството.

Адвокатот Димитрија Цобоски, кој е бранител на Илија Спасески обвинет за претепувањето на Христијан Пендиков, вели дека тоа не може да биде напад од омраза поради бугарската определба на оштетениот. Обвинетиот е воспитан во дух да сака секого, вели тој и нагласува дека неговиот татко бил меѓу оние што спасувале Бугари во несреќата во септември 2009 година, во која загинаа 15 бугарски туристи при потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро.

На прашањето дали има докази односно сведоци кои кажуваат дека напаѓачите му викале на Пендиков навреди од типот „мрсен Бугарин“ или „фашист“, Цобоски вели дека во фаза на истрагата такви сведочења не сретнал.

Обвинителството извести дека се уште не е јасно кога Пендиков ќе може да се појави пред судот. Тој моментално е во Бугарија.

„Не знаеме кога Пендиков ќе може да присуствува бидејќи има медицински причини“, соопштија и од Обвинителството.

Според процедурата, Пендиков ќе мора да ги препознае напаѓачите и поради оваа причина Обвинителството во Охрид испрати барање за воспоставување контакт со жртвата.